25.05.2023

Милошоски: Eвропското знаменце служи само како покритие за високата корупција која што Владата веќе ја потпишала

„Јас ќе почнам со една изјава која што ја даде министерот Бочварски пред неколку дена на Телма телевизија во негов јавен настап, на интервју. Прашањето до министерот Бочварски беше зошто се крие договорот потпишан со изведувачот на дел од овие коридори. Одговорот на министерот Бочварски беше – „Не верувам дека секој граѓанин треба да се занимава со оваа проблематика“. Ова беше одговорот на министерот кој се повикува на легитимитетот од граѓаните и кој што потпишува договори врз основа на даночните средства платени од сите граѓани“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.

Милошоски посочи дека токму таинственоста на договорот и тоа што не е достапен ниту за јавноста, ниту за новинарите, ниту за стручната фела на Градежен или Архитектонскиот факултет, ниту за пратениците како што беше ветено, укажува на тоа дека во договорот се крие сомнежот за висока корупција.

„И за тоа овој пат европското знаменце служи само како покритие за високата корупција која што Владата веќе ја потпишала. А, во меѓувреме забележала дека ги пречекорила овластувањата во самото потпишување на договорот и сега со овие интервенции во законот, во другите закони, законот за изведувачот, законот за работни односи, експропријација и сл. се обидува да најде покритие како тие излегувања од законските овластувања да ги санира“, нагласи тој.

Пратеникот додаде дека никогаш досега министерот Бочварски го нема видено толку збунет на ТВ настап.

„Денешниот и претходните закони сите ги одликува една иста работа, а тоа е злоупотребата на европското знаменце бидејќи нема никаде во Европа унифициран закон за експропријација, унифициран закон за работни односи, ниту унифициран закон за стратешки изведувач“, појасни пратеникот.