Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во неговиот говор на денешната седница на Собранието, истакна дека владата нема никаква кадровска стратегија за коалиционите партнери кои ги повикува па ги отпушта од владините кругови.
„Денес разговараме за предлогот за предлогот за разрешување на Џемаил Чупи кој што во моментов е министер без ресор задолжен за областа дијаспора. Само да потсетам колку владата нема стратегија во изминативе две години. Прво во декември 2019 година Џемаил Чупи го предложија за амбасадор во Пекинг, Народна Република Кина, но не бидна ништо од тој предлог. Зошто? Веројатно знае премиерот и министерот за надворешни, но несериозно е кон една таква голема држава да имате предлог па да не го реализирате. Потоа во декември 2021 година го предложија за министер без ресор со назначување дека ќе се занимава со дијаспора, за денес февруари 2023 година да го предложат за разрешување и тоа без образложение. Да ни образложеше тука премиерот, да каже дека одреден дел од програмата на владата не ја спровел или има некоја злоупотреба или можеби направил непристојни работи, тогаш ќе можевме донекаде и да ги разбереме тие аргументи, но владата нема никаква кадровска стратегија ниту за коалиционите партнери коишто ги повикува па ги отпушта од владините кругови, истакна Милошоски.
Тој исто така додаде дека со тоа што Владата нема никаква стратегија во дипломатијата и со предлагањето на несоодветни имиња за амбасадори, државата губи можности.
„Кога сме кај дипломатијата, бидејќи спомнав дека господинот Чупи бил предложен за амбасадор во Пекинг, во Народна Република Кина, само ќе ве потсетам дека тој е еден од доказите дека Владата нема никаква стратегија за дипломатијата. Последниот македонски амбасадор во Кина се вратил од Пекинг во август 2018 година. Ние речиси 5 години како држава немаме амбасадор во Кина. И тука ако се надоврзе и кандидатот за амбасадор во Париз кој што го предложија па го повлекоа, оправдано заради големиот скандал со државјанството на украинско-рускиот олигарх Онишченко. Ако на ова го додадеме и предлогот за Фрчковски за амбасадор во Вашингтон којшто за првпат во 30 години САД ни одбиле кандидат за амбасадор, па госпоѓата Теута Арифи како несуден кандидат за амбасадор во Брисел, ЕУ па и таму не се успеа, испаѓа дека владата навистина нема никаква стратегија во надворешната политика. Прави сериозни кадровски грешки, а овие пропусти кои што траат со години, некаде имаме со години погрешни амбасадори, некаде со години немаме ниеден амбасадор, државата ја чинат пропуштени можности, потенцираше Милошоски и додаде:
„Не заборавила Владата да има двајца директори во Фондот за осигурување, но заборавила 5 години да назначи амбасадор во Пекинг. Тоа се приоритетите на власта, затоа што директорката од СДСМ и директорот од ДУИ треба да завршат одредени тендерски работи во Фондот за здравство и да даваат изјави кога има набавки, а ги нема 15-20 дена кога има проблеми и кога целото здравство е доведено во несигурност“.