21.11.2024

Лозановска до опозицијата: Трагата од претходната влада е загаден воздух, 7 години крадење и празни ветувања

На денешната Комисија за финансии и буџет, на амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, се обрати и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска, која ја критикуваше претходната власт за неефикасноста во справувањето со загадувањето на воздухот.

„Денес зборуваме за амандман поднесен од група пратеници меѓу кои и екс министерот Оливер Спасовски. Јас колку што знам во 2015 година беше донесен закон измена на законот за возила со кој што се воведе задолжително мерење на издувните гасови на секое возило пред регистрација. Колку и како се применувал тој закон во изминатите 7 години тоа вие можете да го кажете или можеби не ве интересираше поинтересни ви беа пасошите на белосветските криминалци.“

Лозановска потсети на активностите на претходната влада за почист воздух.

„До 2016 имавме крик за почист воздух. Ги блокиравте улиците испраќајќи порака до политичари, цитирам: ‘За нас се работи’“, кажа Лозановска.

Лозановска нагласи дека состојбата со загадувањето денес е уште полоша, благодарение на неодговорноста на претходната влада.

„Денес имаме дежаву, повторно грижа за чистиот воздух, вашиот индиферентен однос не доведе до тоа државата да биде на врвот на најзагадени држави во Европа, а Скопје на 6 место во светот. Ете тоа е резултат на вашата грижа за чистиот воздух“, изјави Лозановска.

Лозановска истакна дека претходната владата не презела никакви  мерки за справување со  загадувањето, а милионските суми од буџетот биле потрошени без видливи резултати.

 „Тројно зголемена концентрација на ПМ честички од дозволеното. Замислете владата не презела ниедна среднорочна и долгорочна мерка. 7 години ги трошевте милионските суми од буџетот да не речам ги крадевте а ништо не направивте“, истакна Лозановска

Лозановска критички се осврна и на ветените инвестиции во еколошки иновации.

„Цитирам, ‘Инвестиции во еко иновации преку зелен фонд за намалување на урбано загадување‘, празни зборови, се само на хартија напишано, а реализација нула, а за тоа кажуваат бројките“, рече Лозановска.