23.11.2024

Кузманоска: Придобивките од новиот буџет, како зголемените плати и пензии, ќе ги уживаат сите граѓани без разлика на етничката припадност

Во овој момент имаме Влада која се грижи подеднакво за сите граѓани, без оглед на која заедница припаѓаат. Оваа влада нема да прави дискриминација по ниту еден однос, а овој ваш амандман е баш таков дискриминаторски. Немаме ништо против да се вработуваат луѓе од турската заедница, но притоа, мора да се почитува уставот кој не дозволува дискриминација, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска на денешната Комисија за финансии и буџет, на амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Таа, исто така, наведе дека треба да се почитуваат законските регулативи и правата за вработување на сите луѓе во Македонија подеднакво, сметајќи дека не е во ред амандмански да се бараат нови вработувања на кадри припадници само за една заедница, како што е во случајот за турската заедница.

Кузманоска додаде дека дека сите граѓани во Македонија ќе ги уживаат бенефитите со новиот буџет, како што се зголемените плати, пензии и социјална заштита, без разлика на нивната етничка припадност.

„И Турците се дел од македонското општество и тие ќе ги уживаат бенефитите од борбата против криминалот и парите кои ќе се слеваат од буџетот. Од овој буџет сакам да ги издвојам ставките од Министерството за труд и социјална политика и посебно значајни се планираните зголемувања во социјалната заштита и пензиите, ние имаме пензионери од сите национални припадности и се очекува пораст од 16,6%“, вели Кузманоска.