Љупчо Димовски пратеник во Собрание на денешната собраниска седница посочи дека премиерот Ковачевски во своето експозе не дал објаснување зошто ги разрешува министрите.
-Господине Ковачевски би требало денес да ви биде централна тема разрешувањето на министерот Амирим Алити, но очигледно дека тоа не е темата на досегашните дискусии, па нема да биде ни моја затоа што од ваша страна во експозето не слушнавме зошто се разрешуваат министрите. Вие инсистиравте за персонални, кадровски решенија, а ниту еден збор не изговоривте за било кое решение. Во експозето потсвесно кажавте дека се раководите и дека носите одлуки од тесно партиски интереси на партиите кои се активни на политичкиот пазар или Пазар3 како што го дефинира вашиот бивши министер, Тупанчевски и се раководите според партиските желби и интереси и личните интереси, рече Димовски.
Димовски во текот на своето обраќање укажа дека само политичката партија од албанскиот блог БЕСА е партија со легитимитет.
-Сметам дека вие сте заложник на политичките партии кои раководат всушност со државата, а вие сте ставени во таква ситуација да ги извршувате нивните барања. Интересно во целата оваа конструкција барем што се однесува до партиите од албанскиот блог, тогаш единствена партија со легитимитет кај албанските гласачи е БЕСА, сите други се во фаза на влегување или во фаза излегување од власта, кажа тој.
Димовски посочи дека оваа власт сака да одлучува за опстанокот на државата, а граѓаните ја сметаат за штетна власт, а тоа го покажуваат и анкетите. Имено тој дообјасни дека власта е всушност и генератор за предизвикување кризни ситуации.
-Ние сега не носиме никаква одлука за единствениот пат на државата, тоа со оваа власт е слеп пат и без излез, но затоа вие сакате да се одлучува за опстанок на оваа влада која што огромен дел од македонските граѓани ја сметаат за штетна влада, барем што се однесува до анкети. Владата не знае како да се справи со сите ситуации кои што за волја на вистината се предизвикани токму од неа и како генератор на кризните ситуации, додаде тој.