„Премиерот вети нова влада која ќе решава проблеми, но не може да решава проблеми тој што е извор на проблемот затоа што носителите на сите проблеми во општеството остануваат на истите позиции непроменети“, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски на денешната собраниска седница.
Тој посочи дека се работи за имиња на предложени лица за министри кои нема да донесат нов квалитет во работењето на оваа Влада како што тврди премиерот.
„Резимето на премиерот повторно беше со празни зборови и флоскули кои ги слушаме постојано 6 години со ред и не каза ништо ново исто како што не кажуваше и неговиот претходник. Нема да добие поефикасна влада бидејќи денеска видовме дека мнозинството е повторно тенко и изнесува 64 пратеници со најава дека тоа мнозинство ќе се намалува во иднина“, изјави Велјановски.
Велјановски истакна дека оваа нова Влада е сојуз за останување на власт, сојуз за спас на криминалците од одговорност, а не сојуз за Европа како што се најавуваше.
„Власта целосно ги има поклопено правосудните органи и нема никаква борба против организираниот криминал и затоа сведоци сме на наместени тендери со матни зделки и зголемување на богатсвото на функционерите“, рече Велјановски.