15.07.2022

Аџиоски до СДСМ: За разлика од  вас што душата си ја продавате за пари, македонскиот народ знае кој е, каков јазик зборува и која е неговата татковина

„Почитувани македонски граѓани ви се обраќам вам, и на вас ќе ви зборувам затоа што на овие пред мене џабе е да им зборувам затоа што ова се луѓето што ја продаваат Македонија. Ова се луѓето што ја продаваат иднината на сите Македонци и на сите граѓани на Република Македонија. Затоа што со овој предавнички договор што го имаат потпишано, а овде планираат да го изгласаат, Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Овие се криминалци што го потпишаа овој асимилаторски договор за да продолжат со нивниот криминал, крадење и удобен живот“, истакна Мирче Аџиоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница.

Аџиоски додаде дека власта потпишува се што им сервираат тие што со векови наназад сакаат да ја разнебитат Македонија за да не постои.

„Но, да ви кажам дека ниту еден агресор не успеал никогаш да ја разнебити Македонија затоа што македонскиот народ е истраен и цврст народ кој знае кој е, каков јазик зборува и која е неговата татковина, за разлика од вас што душата си ја продавате за пари и за удобноста“, рече Аџиоски.

„Се повикувате дека сте биле наследници и потомци на асномците и партизаните кои се бореа и гинеа за оваа Македонија, но да ви кажам дека вие сте потомци на предавниците кои историски многу ги имало и за жал, ги предавале тие што се бореле за независна Македонија, дали тоа биле комити, дали тоа биле партизани. Вие сте нивни наследници и затоа продолжувате да ја продавате државата за која што генерации и генерации се бореле и гинеле. Но, ако тие се ваши предци тогаш чинот на предавство го вршеле сами како кукавици за грст златници, вие сега сте подобро организирани во предавничка партија која носи само предавства и понижувања кога и да е на власт во Република Македонија. Како наследници на комунистите кои ги затворале Македонците кои имале идеја и мисла за слободна и независна Македонија од осамостојувањето па наваму прво бевте најголемите Срби, па ги обвинувавте Вмровците дека се Бугари, за после тоа со предавничкиот договор од Преспа станавте најголемите Грци. А, во меѓувреме и станавте и најголема албанска партија во Република Македонија за сега на крај со овој договор да станете најголеми Бугари“, им рече Аџиоски на пратениците од СДСМ.

Пратеникот укажа дека со ова може да се заклучи дека од власта никогаш не ни биле Македонци и никогаш нема да бидат. Бидејќи од власта се предавници  кои распродаваат се македонско.

„Ако е така како што кажувате дека бил заштитен македонскиот јазик, зошто денес добивте демант од заменичката портпаролка на ЕК која појасни дека вчера од оваа говорница претседателката на ЕК зборувала за јазикот на луѓето во Република Македонија која таа го нарекла македонски. Зошто тоа не го кажавте“, запраша Аџиоски.

Тој додаде дека власта добива деманти дури и од Брисел дека македонскиот јазик не е заштитен како што тие го уверуваат македонскиот народ.