24.02.2023

Аџиоски до Ковачевски: Поголем срам од тоа што сте Вие премиер нема, бел ден не видоа граѓаните од Вас

„Денес наместо да продолжиме со седницата за избор на министрите во оваа Влада, почнавме со навреди од премиерот кон пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска. Навреди кои што еден премиер на држава не треба да си ги дозволи. Јас мислев дека ќе сте доблесен и кога излеговте на реплика дека ќе и се извините на колешката. Но, Вие ни за тоа не сте доблесен премиере, па продолживте со навредите. Вие сте срам за оваа држава што сте премиер. Вие сте срам за функцијата што извршувате премиер. Вие не знаете ни што значи да сте премиер“, истакна Мирче Аџиоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница.

Аџиоски додаде дека е срамота премиер да дојде во Собранието, во храмот на демократијата и да навредува пратенички.

„Треба да се засрамите за ова што го правите. А, од тука ни зборувате од говорницата за европски сојуз, европски фронтови, Вие ќе сте ја носеле Македонија во Европа. Вие само создавате криминални сојузи премиере, ништо друго не создавате“, нагласи Аџиоски.

Аџиоски му порача на Ковачевски дека е јавна личност и дека треба да знае да трпи критика.

„Зборувавте од тука од говорницата дека имало очај, имало неверување, имало црнила некогаш, но поголем очај и неверување, и поголеми црнила од ова што ни се случува во овие години нема премиере. Бел ден не видоа граѓаните од кога сте Вие премиер“, рече пратеникот.