04.10.2025

Лукровски: Реконструкција на фасади, модернизација на лифтови и поставување шифрарници во сите станбени згради во Карпош


Почитувани претставници на медиумите, почитувани сограѓани,

Денес го претставуваме еден од најзначајните проекти во интерес на секојдневниот живот на граѓаните на Карпош.

Програмата за реконструкција на фасади и модернизација на лифтови и поставување шифрарници во сите станбени згради на територијата на нашата општина. Знаеме дека голем број згради особено постарите со години се соочуваат со исти проблеми: дотраени фасади, нефункционални лифтови и недоволна заштита на влезовите.

Овие состојби не се само естетски недостаток, тие се прашање на безбедност на достоинство и на еднаква пристапност на сите жители.

Постарите лица, лицата со намалена подвижност, мајките со количките сите тие секојдневно зависат од исправноста на лифтовите.

Со овој проект воведуваме и субвенции за целосна реконструкција на фасадите со што ќе постигнеме поголема енергетска ефикасност, пониски сметки за греење и ладење и поубава урбана слика за Карпош.

Истовремено ќе обезбедиме замена на сите клучни безбедносни компоненти на постоечките лифтови, од сајли сопирачки до ултразвучни механизми и системи за итни случаеви.

Работите ќе бидат изведувани по современи стандарди и со задолжителни проверки за лифтовите, да бидат сигурни, доверливи и трајни.

Дополнително во сите влезови ќе бидат поставени шифрарници за поголема контрола и безбедност на станарите, за спречување и злоупотреба од трети лица.

Оваа иницијатива не е само техничка интервенција, ова е инвестиција во едно човечко достоинство, во комфор и во секојдневна сигурност на жителите на Карпош.

Со овој фонд нашата општина ќе покаже дека знае да се грижи, дека умее да реагира и дека има визија, да создаде современа уредна и безбедна заедница за сите жители.

Карпош ќе биде пример како се градат  услови за удобно и пристојно живеење. Ова е чекор напред кон поквалитетно секојдневие, за секој дом, за секој влез, за секој жител!