14.10.2023

Јорданов: Важно е на парламентарните избори да победи ВМРО-ДПМНЕ за да се реализираат проектите кои што се неопходни за Штип

„Ви благодарам на сите граѓани што сите овие години сте заедно со нас за да се избориме за подобра иднина. Јас оваа вечер нема да го коментирам Социјалдемократскиот сојуз затоа што вие најдобро ги гледате. Исто така нема да ги коментирам изминатите две години затоа што ќе бидам субјективен“, истакна Иван Јорданов, градоначалник на општина Штип при средба со граѓаните во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Тој посочи дека граѓаните најдобро знаат во која насока се движи општината. Но, важно е да се спомене дека наредните неколку месеци се клучни за иднината на македонските граѓани.

„Оваа вечер ќе ве повикам ајде заедно да ја вратиме довербата на граѓаните на Штип и на граѓаните на Република Македонија. Ајде од овде да испорачаме порака дека наредните месеци ќе се крои иднината на Република Македонија. Затоа што важно е да централната власт заедно со локалната власт го кренат Штип, заедно да ги изградиме булеварите, градинките, водоводните мрежи, она кое што заеднички го ветуваме и она кое што секојдневно го работиме“, рече Јорданов.

Јорданов додаде дека важно е да на наредните избори победи ВМРО-ДПМНЕ и Владата на ВМРО-ДПМНЕ да ги изгради проектите кои што се неопходни на Штип и штипјани.