Отворена е новата градинка „Пеперутка 3” во Драчево
Низ детска насмевка, многу радост и весела приредба организирана од овие паметни дечиња, денес заедно со министерката Тренчевска ја отворивме новата детска градинка ,,Пеперутка 3” во населбата Драчево.
Во оваа градинка ќе бидат згрижени над 100 дечиња, пред сѐ од овој дел на општината. Ние сме свесни дека раниот детски развој е многу важен и како локална самоуправа се грижиме да ги обезбедиме сите услови за правилен понатамошен развој на секое дете.
Инвестираме во унапредувањето на условите во постоечките градинки, но со засилено темпо работиме и на зголемувањето на опфатот на деца во процесот на предучилишно воспитание и образование.
Покрај ставањето во функција на оваа градинка која беше изградена пред речиси две години, но дури сега беа надминати администативните бариери за нејзино отворање, интензивно работиме и на изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на постојните објекти.
Во финална фаза е подготовка на објектот во кој ќе биде отворена првата градинка во Усје. Тука ќе бидат згрижени околу 100 дечиња од населбите Усје, Стаклара и Градинар.
Работиме на проширување на капацитетот и на градинката ,,Ѓурѓица” во Пинтија. Веќе е започнато реновирањето и на објектот ,,Кокиче”, каде ќе може да примиме нови 150 дечиња, а ќе потсетам дека веќе го проширивме капацитетот и на објектот ,,Синоличка” од ЈДГ ,,Весели Цветови”.
Дека грижата за раниот детски развој е наш приоритет, говори и фактот што имаме подготвен проект за целосно нова градинка во Расадник и во моментов работиме на финансиската конструкција, односно на начинот на финансирање за нејзината иградба.
Со тој проект, на среден рок целосно го решаваме прашањето за предучилишната инфраструктура.
Илустративно, објектот во кој сме денес може да прими над 100 дечиња, а во моментов на листите на чекање во трите објекти во Драчево има околу 30 деца.
Оттука, сакам искрено да се заблагодарам за соработката на министерката Јована Тренчевска, Министерството за труд и социјална политика, со кои заеднички го ставаме во функција овој објект и даваме силен влог во формирањето на здрави и образовани индивидуи кои во иднина ќе дадат свој придонес за надградба на државата.
Тоа е наша заедничка одговорност и благородна цел кон која сите треба да се движиме.
На овие прекрасни дечиња кои тука ќе го минуваат своето секојдневие им посакувам многу пријатни и весели моменти!