05.04.2024

Мицкоски: Граѓаните чувствуваат дека некој им ја одзел државата – на следните избори да ја направиме Македонија повторно горда, изборот е Силјановска Давкова

„Ќе зборуваме за тема која што е исклучително актуелна во периодот кој што следи, бираме иднина. Бираме иднина каква што заслужуваме. Иднина која што треба да биде горда “, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг од Вевчани.

Мицкоски додаде дека неговото главно прашање до вевчанци е дали се подготвени да ја направат Македонија горда повторно. 

„Ако сме подготвени Македонија да ја направиме горда повторно тогаш изборот е јасен, а тоа е Гордана Силјановска Давкова за претседател на Македонија“, порача Мицкоски. 

Тој потсети дека пред седум години актуелната власт патуваше низ градовите низ Македонија и ветуваа на граѓаните дека ќе донеле живот. Но тие донесоа само корупција, криминал, сиромаштија, неправда. А, нивниот пиун Стево Пендаровски ја зароби канцеларијата на претседател на Македонија. Во Македонија има живот за малкумина, а тоа е само за оние кои што ја заробија државата. 

„Нема среќен човек, нема ведрина, нема насмевка на луѓето. Затоа што денеска сите граѓани во Македонија чувствуваат како некој да им ја одзел државата, како да ја киднапирал државата, како да се граѓани од втор ред“, рече Мицкоски. 

Мицкоски посочи дека Македонците денес во Македонија се чувствуваат како да се граѓани од втор ред. Но, мора да напомене дека таквото чувство не се развива само кај Македонците туку и кај Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите итн. 

„Ајде да му помогнеме да се исели Стево Пендаровски од Македонија и да не и се повтори на Македонија таков срам во иднина“, порача тој. 

„А, од другата страна имаме жена титан, жена која што не молчеше кога другите молчеа. Жена која што во својата професионална кариера ја бранеше Македонија насекаде во Европа и во светот. Жена која што беше визитинг професор и ментор на најпрестижните американски и канадски универзитети. Жена која што во Советот на Европа беше експерт по политики на локално ниво, експерт по уставно право и политички систем. Жена која што кога беше член во Венецијанската комисија ги подучуваше членовите во Венецијанската комисија кои што доаѓаат од другите европски земји“, рече тој. 

Мицкоски додаде дека Гордана Силјановска Давкова е вистинскиот избор за Македонија, претседател кој што ќе ја направи Македонија горда повторно.