2021-та година во месец Октомври се оддржаа Седмите редовни Локални избори каде ВМРО-ДПМНЕ оствари историски најголема победа од позиција на опозиција. Под слоганот „Создади нова иднина – промени, проекти, победи“, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија освои 468 советнички места, убедлива победа во Градот Скопје преку поддршката на кандидатката Данела Арсовска и победа во 42 општини.
Локалната самоуправа е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Уставот содржи пакет на одредби со кои се дефинира концептот на локалната самоуправа, се гарантира независноста на општините во остварувањето на нивните надлежности, како и специфичниот статус на Град Скопје. Македонија има едностепена локална самоуправа. Локалната самоуправа во Македонија е организирана во 80 општини и градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. 34 единици на локалната самоуправа се со седиште во град, а останатите 46 се со седиште во село. Сите општини, освен неколку, се основани за подрачје на повеќе населени места. Општините ги извршуваат своите надлежности преку органи избрани непосредно од граѓаните, за време од четири години. Органи на општината се: советот и градоначалникот.
Општините се надлежни за вршење на следниве работи:
- урбанистичкото (урбано и рурално) планирање;
- заштитата на животната средина и природата;
- локалниот економски развој;
- комуналните дејности;
- културата;
- спортот и рекреацијата;
- социјалната заштита и заштита на децата;
- образование;
- здравствената заштита;
- спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на
граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други
несреќи и од последиците предизвикани од нив; - противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици;
- надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност; и
- други работи определени со закон.
Заради извршување на своите надлежности, општините можат да основаат јавни служби, во согласност со закон. Општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон. Општината е супсидијарно одговорна за извршувањето на работите од јавен интерес.