На Телевизија Сител во „Тема на ден“ гостуваше потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска.
На самиот почеток Димитриеска Кочоска истакна дека Македонија била единствената земја која не била земја членка на ЕУ, а го потпишала овој Меморандум за соработка за развој на пазарите на капитал со уште седум земји членки на Европската Унија.
„Она кое што е најважно и најголемата придобивка за нас како држава е тоа што Македонија беше единствена земја којашто не е членка на Европската Унија а потпиша Меморандум за соработка заедно со останати седум земји членки на Европската Унија. Суштината на овој Меморандум за соработка е да се формира една берза на којашто ќе може да се тргува и со ново издадени хартии од вредност, не значи тоа да бидат само акции туку да бидат и обврзници. Тоа е огромна можност за македонските компании коишто имаат потреба од финансиски средства, а притоа многу потешко можат да ги убедат банките во поддршка, и ова ќе биде одлична можност за нашите компании да можат да издаваат било да е обврзници или акции. Сето е ова пред се да помогнеме на приватниот сектор, да добие пристап до полесно финансирање“, објасни Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска исто така истакна дека следната година Владата ќе започне подготовки за издавање на евробврзница.
„Изминатиов период бевме многу внимателни кога станува збор за задолжувањето ради тоа што ние сме единствена Влада којашто кога ја презема обврската, јавниот долг веќе беше речиси 60%, што не ви дава многу простор за некое поголемо задолжување, сметаме дека следната година најсоодветно ќе биде да излеземе со издавање на евробврзница затоа што ни требаат и средства коишто би се повлекле од странски банки во евра во државата“, рече Димитриеска Кочоска.









