29.06.2023

Јаревски: Уставни измени под бугарски диктат нема да има, СДСМ и ДУИ не ја поднесуваат иницијативата во Собранието бидејќи немаат гласови

Во вечерашната емисија „24 Анализа“ на ТВ 24 гостуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски кој што истакна дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, а СДСМ и ДУИ прават дефокус и не ја поднесуваат иницијативата во Парламентот бидејќи немаат доволно гласови.

„Очигледно дека СДСМ сака да изврши класичен де-фокус или замена на тези. Целата македонска јавност беше сведок не само по изјавите на лидерската средба туку и серија на изјави потоа. Принципиелни и конзистентни сме. Измени уставни под бугарски диктат, под ултиматум нема да има“, нагласи Јаревски

Пратеникот од редовите од ВМРО-ДПМНЕ, Јаревски истакна дека СДСМ и ДУИ немаат гласови во Парламентот и токму затоа не ја отпочнуваат иницијативата во парламентот и намерно прават дефокус.

„Не ја гледаме иницијативата за отпочнување на постапката во Собрание. Премиерот кажа нели до 17 јуни ќе биде?!“, посочи Јаревски.

Јаревски истакна и дека иницијативата не е ни помината на влада.

„Иницијативата не е ни на влада, понатаму оној главниот премиер, укажа дека ќе биде во јули, а гледам и колегата Каевски се движи по насоките од кај Артан. Таму СДСМ не се прашува, моментот е како ДУИ ќе им каже. Втората работа немаат гласови затоа и не ја отпочнуваат постапката, доколку имаа ќе ја отпочнеа. Постапката во идеални услови би била можеби 4-5 месеци, три фази има. Немаат предуслови, а упорно се убедуваат со некои спинови да извртуваат, не знам што им е поентата бидејќи имавме конкретни два предлози“, нагласи Јаревски.