26.03.2023

Јаневска: Во образованието владее тотален хаос, воведуваат неспроведлива реформа, а нема ни учебници, идната власт со консензус ќе донесе стратегија за следните 10 години

Во образованието владее тотален хаос, не може да се правдаат со минати години. Кога беше најтешко во пандемија, кога имаше онлајн настава почнаа реформа во образованието и тоа без учебници. Тогаш кога беше најтешко и имаше криза почнаа да прават таква драстична промена што никој не можеше да се адаптира и се гледа дека цела Македонија се крена на нозе против таа реформа која не е добра, изјави за Детектор на Сител, Весна Јаневска претседателка на Комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ.

Јаневска нагласи дека не може учениците цела година да бидат оставени без учебници и тоа самите ученици го кажуваат како огромен недостаток. 

– Учениците се незадоволни од тоа што немаат учебници. Учебници мора да има, ги нема ни дигиталните кои ги најавија, а не се ни спремни за тоа.  Процедурата за учебник не е долга, има кратки рокови, но треба навреме да се почне. Пред некој ден од МОН пратија упатство за заштита на учениците, каде се бара огради околу училиштата а во 260 училишта има 1 до 13 деца.  Наместо да се усмерат средствата за учебниците или за наставен кадар. Парите се трошат непродуктивно, вели Јаневска.

Јаневска потенцира дека не може да биде реформа колку ќе трае часот и не може во три години да им се менува на учебниците три различни концепти.

– Мора да се направат промени, само разликата со следната власт ќе биде што нема да се однесуваме како Мила Царовска, Десковска и другите, туку ќе побараме консензус за образованието за најмалку следните 10 години, рече Јаневска.

Според Јаневска се уништуваат учениците кои иако имаат капацитет со ваквиот систем не може да го достигнат својот максимум. 

– Учениците се оштетуваат со ваквото образование, системот треба да им овозможи да ги постигнат своите максимуми. Де факто во ова време на технолошки и иновативни промени, образованието е тоа кое помага да се снајдат учениците во тие промени. Ако не им го понудиме тоа, тогаш најдобрите се приморани да бараат други системи на образование или да заминат во странство, изјави Јаневска.