21.11.2024

Ѓорѓиевски: Не може градоначалник да биде незаменлив, највисок суверен треба да се граѓанините без отстапувања

 “Јас во Кисела Вода реализирав капитален проект во Стаклара-Каменик. После 50 години обезбедуваме питка вода за пиење  за граѓаните но истовремено и фекална канализација. Тоа значи дека пред мене, 30 години во независна Македонија градоначалниците не сметале дека тоа е приоритет, замислете во 21 век и такви примери имаме насекаде низ државата“ , јасно говореше градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и претседател на ЗЕЛС во вечерашното гостување на Канал 5 телевизија во емисијата „Само интервју“ истакнувајќи за начинот на работа кој се водел и се води се уште.

Ѓорѓиевски напомена дека во Кисела Вода има висок степен на реализација од ветеното пред граѓаните. Посочи дека важно е секој градоначалник да има слух за граѓаните и да постои механизам со којшто  ќе може да се отповика градоначалник доколку не ја извршува својата должност за која е избран.

„Јас сум градоначалник и поаѓам од себе. Не може единствено во нашата држава градоначалникот да биде  незаменлив. Да го изберат граѓаните и четири години, дали дал резултати или не, дали постапувал согласно програма или надвор од тоа никој да не може да постапи против него“ , дециден беше Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски дополни дека веќе е време граѓаните да се највисок суверен. Ја истакна нивната важност и потребата да се слушнат нивните предизвици и истите да се решат.

„Ние треба да го промениме тоа. Нашата тенденција треба да биде се да почнува и да завршува со највисокиот суверен, а тоа е  народот. Никакви преговори, договори“ , заклучи Ѓорѓиевски.