Промена на власта е неопходна, не само од политички аспект, туку и од економски, затоа што нарушениот квалитет на животот е најбитен за граѓаните… Една работа треба да биде јасна, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ има евро-атланска ориентација уште од 90тите, кога тогашниот СДСМ тагуваше за поранешниот систем и по распаднатата Југославија. Гладано од денешен аспект ниту еден политичар нема мандат да го обезличува македонскиот народ, јазик или идентитет… Поаѓајки од расипништвото на власта, ВМРО-ДПМНЕ предлага заштита на идентитетот и јазикот и нуди патоказ кој би обезбедил интеграција на државата во ЕУ без притоа да биде континуирано уценувана на секое поглавје од преговорите.
Ова во ексклузивно интервју за КУРИР го посочува градоначалникот на општина Кисела Вода и прв човек во ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Интервјуто со него го направивме на многу важен ден – роденденот на општината.
КУРИР: Општина Кисела Вода слави роденден, а со оглед на многубројните реализирани проекти, навистина има за што да прославите. Што би издвоиле како најголеми успеси кои ги остваривте во досегашниот мандат како градоначалник?
Ѓорѓиевски: Најпрво, драго ми е што ова интервју го давам за време на роденденската седмица на нашата општина Кисела Вода, која го прославува својот 68 роденден. Културното лето донесе многу забава за сите генерации во нашата општина, понудивме богата програма за сечиј вкус, од најмладите до највозрасните. Ова беше одлична недела. Започнавме со популарното дуо “2 Бона” чиј песни оддекнуваат и надвор од границите на Македонија, а кои работат и на химна за Кисела Вода, атмосфера направи и DJ Mats кој ја загреваше атмосферата. Втората вечер беше посветена на квалитетната македонската народна песна-КУД „Китка” кои се нашите амбасадори секаде низ светот, Сузана Спасовска и Миле Кузмановски. Третата вечер, по настапот на Жаре Бербер голем концерт имаше една од најпопуларните ѕвезди на Балканот, Петар Грашо во кој уживаше 30.000 публика. Тоа беше глетка која ќе ја памети секој кој присуствуваше, би рекол навистина магична ноќ. Со право и со гордост можам да кажам дека ги подигнавме стандардите на она што значи организирање на културно-забавни настани, а тоа е резултат на сето она во што се вложивме заедно со мојот тим во изминатиов период. Потоа, изминативе пет дена промовиравме низа големи капитални проекти, за вечерва, после Битката на бендови и повторно, DJ Mats како загревање, да заокружиме со концерт на култната група “Нокаут”.
Што би издвоил? Па би рекол дека успеавме од една општина која ја биеше лош глас, да направивме денес за неа да се зборува во суперлатив, да биде стандард за мерливост на успехот. И ова не е завршена мисија. Патот е трасиран, допрва нè чекаат нови успеси, нови проекти во служба на граѓаните. Зад нас е сработеното за неполни две години и тоа решенија на децении стари проблеми за кои ниеден мој претходник досега немал слух. Се работи за зафати во сите месни и урбани заедници бидејќи мојата цел е постигнување на рамномерен развој на целата општина.
Во бројки тоа се преку 50 км патна инфраструктура, изведба на 3600 метри водоводна мрежа, атмосферска канализација околу 4500 метри и фекална над 5000 метри. Сакам да најавам дека обезбедивме средства и за еден навистина капитален проект преку кој, Стаклара за првпат ќе добие водовод и фекална канализација. За големината на овој проект говори тоа што се работи за изградба на вкупна должина од 9.2 километри мрежа, при што фекалната ќе биде во должина од 5.7 километри, додека водоводната мрежа во должина од 3.5 километри.
Дивите депонии ги претворивме во паркови и спортски комплекси, а ги обновивме и оние запуштени спортски терени. Тука можам да го издвојам спортскиот комплекс „Оксиген” кој од дива депонија прерасна во збиралиште на жителите од тој дел на општината, место за дружба и спорт. Паркот „Иднина” кој е целосно самоодржувачки, работиме на два нови во населбата 11 Октомври Бараки, а во местото викано Дупки која е огромна површина течат градежните активности за реализирање на огромниот проект кој финално ќе значи спортски комплекс, парк, кино на отворено итн.
Заедно со катчето за рекреација и одмор кое денес почнавме да го градиме во Усје, кај крстот, годината ќе ја затвориме и со над 50 000 m2 зелена површина. Како успех, би ја издвоил и салата Расадник, култно здание која конечно правно си ја вративме после 30 години уништување од страна на секој кој ќе стигне. Тоа беше макотрпна борба, но успеавме и моментално течат активностите за целосна реконструкција.
Ќе споменам и дека Општина Кисела Вода, преку проектот за дигитализација ја етаблиравме како првата дигиатализирана општина на Балканот, односно прва која за граѓаните обезбеди услуги по електронски пат.
Го распишавме Меѓународниот конкурс за идејно решение за ДУП-от во Расадник, и во моментов ги очекуваме понудените решенија од домашната и светската стручна јавност. Наместо 99 згради кои му се закануваа на овој дел од градот, за оваа градска четврта бараме решение кое, пред се’, ќе обезбеди хумано живеење. Го огрaничивме на 4 бројот на станбени единици на идните градби кои се дефинирани со А1 намена. Сега веќе никој не може под превезот на семејна куќа да гради згради. За ова посебно се благодарни жителите на Пржино и Црниче.
Со веќе отворените околу 300 нови места во градиките и со планираната агенда за изградба на нов дел во објектот Кокиче и на целосно нова градинка во Расадник, наследените листи за чекање од минатото, на кои имаше над 450 дечиња, наскоро воопшто ќе ги нема. Широк е спектарот на проектите кои се одвиваат во образованието со цел да го подобрат наставниот процес. Ќе ги издвојам “Ранче за секое прваче” преку кој првоодделенците добија чанта и училишен прибор, а истото ќе се случува и од септември, кога ќе започне новата учебна година, но сега веќе обезбедивме и средства за сите ученици да добијат бесплатни униформи. Бројни проекти се одвиваат и во социјалната сфера со цел да им се излезе во пресрет на постарите, на лицата со попреченост и финансиски загрозените семејства. Тоа, накратко е она што значи посветеност и макотрпна работа и резултира со над 70% реализација на ветената програма за изборите за само година и пол.
КУРИР: Општина Кисела Вода навистина може да биде пример за останатите, а вашето челно место во ЗЕЛС дава прилика од близу да ги следите состојбите и во другите скопски општини. Каков предизвик за вас претставува функцијата претседател на ЗЕЛС?
Ѓорѓиевски: Ми претставува огромна чест што со консензус ми беше дадена довербата за управување со оваа одговорна задача бидејќи сметам дека преку ЗЕЛС, како организација која што ги обединува сите општини во Македонија може да се постигне значен исчекор во поглед на заедничките предизвици со кои тие се соочуваат. Тука пред се говорам за обезбедување на поголема финансиска стабилност на локалната власт, на надминување на евидентираните аномалии кои го оневозможуваат развојот на општините и кои бараат итно унапредување на методологијата за правично насочување на средствата од централно на локално ниво во согласност со европските практики и обезбедување на еднаков третман на општинската во однос на државната даночна администрација. Сите чувствуваме дека промените се нешто што е не само потреба, туку неопходност и како Претседател а ЗЕЛС, и обврска и чест ми е што можам интензивно да работам на нивна имплементација.
КУРИР: Најактуелна тема овој период се уставните измени по бугарски диктат. Кој е вашиот став на оваа тема? Се случи и лидерска средба на која претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изрази цврсти ставови. Се согласувате ли со начинот на кој Мицкоски пристапи во обид да се најде поразумно решение од ова кое власта го турка?
Ѓорѓиевски: Кога говориме на таа тема една работа треба да биде јасна, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ има евро-атланска ориентација уште од 90тите, кога тогашниот СДСМ тагуваше за поранешниот систем и по распаднатата Југославија. Гладано од денешен аспект ниту еден политичар нема мандат да го обезличува Македонскиот народ, јазик или идентитет. Тоа нема да и се дозволи на сегашната власт и на премиерот Димитар Ковачевски, кој што впрочем ниту еднаш не излегол на избори дирекно да се соочи со народот. Во тој контекст најдобро е да има избори, партиите да ги понудат своите предлози пред граѓаните, па да видиме кој ќе ја добие довербата. Тоа сигурно нема да биде сегашната криминална коалиција на СДСМ и ДУИ.
Поаѓајки од расипништвото на власта, ВМРО-ДПМНЕ предлага заштита на идентитетот и јазикот, и нуди патоказ кој би обезбедил интеграција на државата во ЕУ без притоа да биде континуирано уценувана на секое поглавје од преговорите.
Исто така имаме политички ненормална ситуација каде што странските фактори укажуваат дека проблемот со Бугарија е билатерален и не треба да биде пречка во интеграцијата, а од друга страна имаме власт која што политички не е свесна каков товар носи, однесувајки се сервилно кон источниот сосед.
Според мене многу поважни се реформите, сузбивањето на криминалот и корупцијата и се останато што е пречка за да заживеат европските вредности кај нас.
КУРИР: Македонските граѓани со години живеат во разни кризи – економска, здравствена, социјална… Сметате ли дека единствен излез од ваквата состојба се предвремени парламентарни избори?
Ѓорѓиевски: Промена на власта е неопходна, не само од политички аспект, туку и од економски, затоа што нарушениот квалитет на животот е најбитен за граѓаните. Инфлацијата ги “јаде” парите на граѓаните, се поскапи производи купуваат или немаат пари да ги купат. Во зимскиот период живеат во млаки простории затоа што енергенсите, струјата, огревното дрво се се поскапо. Затоа мора да се воспостават здрави економски политики, кои ќе бидат во насока на намалување на класната разлика во Македонија.
Сето тоа мора да биде пропратено со привлекување на странски инвестиции, а не како во моментов кои што ја одбегнуваат државата, а дополнително имаме случаеви каде странски бизнисмени биле уценувани, а можеби и рекетирани од власта, без притоа да можат да си ги наплатат побарувањата од фирми блиски на владеачката гарнитура.