17.11.2022

Ѓорчев: Цените се толку отидени нагоре затоа што имаме влада со која Македонија е најлоша на сите листи

Катастрофа до катастрофа секој ден, аферите кои ги продуцира оваа власт не се бројат во десетици, туку во стотици. Ние немаме ден каде две, три или четири работи вонредно скандалозни не се случиле. Проблемот е што нема разрешница, власта оди на тактика на загушување на тие афери со нови. Тие одат на тоа како ништо да не се случило, ќе поминат 2-3 дена, ќе дојдат нови афери и ќе се прејде понатаму, изјави Влатко Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за „Што не е јасно“ на Алфа ТВ.

Тој потенцираше дека тоа  лошо за Македонија затоа што е на дното на сите можни листи, ужасот е што сметката за сето тоа ја плаќаат граѓаните, а државата уназадува и станува полошо место за живеење.

– Разочарувањето на граѓаните е разбирливо, и во врска со државните и во врска со економските прашања. Во моментов Македонија е на последно место во било која листа, дали е тоа листа на мизерија, дали е листа на невработеност, дали е листа за инвестиции. Нема листа каде не е најлошо. Граѓаните го чувствуваат тоа кога одат во супермаркет. Нема човек кој кога ќе ги види цените косата не му се крева. Цените на основните продукти се отидени по 70%, 100% или 150%. Зборуваме за маслото, јајцата, лебот, месото, тестенините, рече Ѓорчев.

Ѓорчев нагласи дека цените се отидени нагоре затоа што ја имаме најлошата влада која троши најмногу, ги оданочува и дере граѓаните и нема донесено ниедна инвестиција.

– Едно време Македонија беше земја во која доаѓаа премиерите на околните земји и министрите да учат економија, воведување на ДДВ, како се собираат инвестиции, економски проекти, како се градат патишта. Сега Македонија е најлоша и ако ги погледнеме земјите од соседството тоа станува јасно. Врање стана Скандинавија за Македонија, дојдовме до таква ситуација, а српските министри доаѓаа во Македонија да учат, изјави тој.

Ѓорчев посочи дека од таква ситуација сега дојде време од таа Србија да молиме за струја, за масло, за брашно и цела влада да оди да се слика на Табановце за вакцини, дојдовме до менталитет на просење.