15.02.2023

Ѓорчев: Цел јануари не се одржа ниту една седница во Собранието, тоа значи дека немаат мнозинство

Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во радио Лидер зборуваше за владата на СДС за која потенцираше дека тие немаат конкретна агенда како овој народ и ова општество ќе живеат.

-Владата е една крпеница, е една лепена, но  скршена ваза која не може да функционира. Еве хипотетички да кажеме дека ќе траат уште една година, иако мислам дека е тоа под прашалник, но еве и да биде тој мандат уште година дена, тие немаат нарација, немаат прикаска, немаат наратив, немаат некоја конкретна агенда со која овие луѓе, овој народ и ова општество ќе живеат, рече Ѓорчев.

Пратеникот во текот на своето гостување се осврна и на работата во Собранието каде истакна дека оваа владејачко мнозинство цел јануари не одржа ниту една седница во Собранието што значи дека немаат мнозинство.

-Цел јануари немаше ниту една седница одржана во Собранието, тоа значи дека немаа мнозинство. Сум бил дел од мнозинство и кога сме биле 65-66-67 пратеници што било тесно мнозинство, а сега тие велат 64 се супер. Сум бил дел од мнозинство кое имало и 81-82 пратеника, значи ВМРО-ДПМНЕ со 62 пратеника со други коалициони партнери, и тоа тешко функционирало и тогаш сме држеле седници секој ден, кажа тој.

Пратеникот порача дека некој ништо не работи во Владата, ниту пак се труди за нешто.

-Сега нити некој нешто работи во Владата, ниту некој нешто посебно се труди, ниту има некоја приказна, ниту има некоја агенда, вели Ѓорчев.