15.02.2023

Ѓорчев: Во едно полугодие се иселени околу 12.000 луѓе, додека се случува егзодус во Македонија власта не мрда со прст

„Во Македонија секогаш имало печалбарство, имало заминување во 60-тите, 80-тите години. Но, ваков егзодус каков што има сега, вакво иселување кое што има сега, никогаш немало. Не зборуваме сега само за помалите места еве Скопје се празни, си заминуваат граѓани и од поголемите градови па и од главниот град“, истакна Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во утринската емисија на радио „Лидер“.

Ѓорчев додаде дека се повеќе си заминуваат граѓани од Македонија, и тоа граѓани кои што имаат добри работни места, кои се добро економски ситуирани.

„А, тоа значи дека имаме целосен крах на економската приказна во Македонија. Граѓаните во Македонија се повеќе не се чувствуваат сигурни за да останат тука. А, зошто е тоа така? Затоа што како што реков имаме анонимуси кои што се министри, имаме секој ден скандали, имаме држава која што е жестоко опљачкана, и на крајот на краиштата нема никакви нови инвестиции“, заклучи Ѓорчев. 

„Нека ми каже некој во последниве пет – шест па и седум години која е некоја сериозна инвестиција која што е дојдена во државата освен фарми за марихуана на една фамилија од Струмица“, нагласи тој.

Ѓорчев нагласи дека во државата откако СДСМ е на власт инвестиции нема.

„За иселувањето на граѓаните од државата што се случува, никој од Владата со прст не мрда. Значи минатата недела излегов со податок дека само од 5 градови имаме во едно полугодие 700-тини иселени деца. Ги набројав Прилеп, Тетово, Штип, Кочани и Куманово. Значи пет градови од кои што имаме 700-тини иселени деца во едно полугодие. А, од власта нема никаква реакција за тоа“, рече Ѓорчев.

Тој додаде дека ако во пет градови има 700-тини иселени деца тоа на ниво на Македонија се 4.000 деца. Ако се тоа 4.000 деца тоа значи дека се 4.000 мајки и татковци. Само по таа основа во едно полугодие од Македонија се иселени 12.000 луѓе. А, плус ако се додадат луѓето кои што се млади, кои што имаат околу 20-тина до 30 години тогаш има уште повеќе иселени. И се доаѓа до заклучок дека за една година од Македонија се иселиле околу 35-36.000 граѓани.  

„Имаме претседател на државата, Стево Пендаровски кој што е тотално бескорисен. Значи на кој што државата му пука по сите шевови, која што се распаѓа, која што исчезнува и ја снемува, а тој ништо не прави, тој вегетира“, укажа тој.