20.11.2024

Томовски: Владините објекти седум години се оставени без имотни листови и без да се закова ниту една шајка

На вчерашното гостување на телевизија Алфа во емисијата „Заспиј ако можеш“ присуствуваше директорот на Служба за општи и заеднички работи при Влада и член на Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Томовски кој објаснуваше за владиниот имот кој е во сопственост на државата, кој како резултат на владеењето на претходната влада бил наследен во многу лоша состојба.

Томовски истакна дека затекнале државен имот во многу лоши услови како резултат на владеењето на претходната власт, исто така и прикажа докази за ситуацијата во вилата Лазарополе и вилата Свети Стефан.

 Директорот на СОЗР приложи факти покажувајќи фотографии за лошата состојба на објектите кои ги оставила СДС, и се она што е направено од страна на владеењето ВМРО-ДПМНЕ во овој краток временски период од неколку месеци.

„Имаме во сопственост наши објекти, имаме вила во Лазарополе, имаме вили во Охрид кои што се во доста лоша состојба. Ова е сето она што сме го направиле во овој краток период без финансиски импликации брз буџетот, со сопствени средства и без пари. Практично,  немало никаков пристап до вилата и ние овозможивме пристап и планираме во текот на 2025-2026 година комплетно целиот државен имот да го ставиме во функција да профункционира и да нема никаков проблем“, рече Томовски.

Томовски потенцираше дека државните објекти се оставени седум години без да се закова ниту една шајка од страна на претходната влада која не обезбедила ниту имотен лист.

„Не им се работело и не сакале да работат. Она што е уште пофрапантно е тоа што овие вили немаат имотен лист, не потегнале со години да го средат имотот на државата. Доколку сакате вие со овие вили да отпочнете некаква реставрација, реновирање и било каков градежен зафат мора да објавите тендер за проектирање со фирма со А лиценца и изведувач со А лиценца но, пред се тоа да го отпочнете мора да имате имотен лист. На овие не им се работело претходно, не почнале никаква постапка“, објасни Томовски.