Административците нема да добијат повисоки плати, синдикатите се излажани и покрај тоа што имаме буџет од 5,3 милијарди евра кој власта ќе си го подели меѓу себе и ќе си делат тендери во 4 очи, изјави за „Што не е јасно“ на Алфа, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, кој потенцираше дека власта најде начин да ги одбие амандманите на ВМРО-ДПМНЕ кои беа предлог на синдикатите за повисоки плати согласно инфлацијата и минималната плата.
„Пред отприлика 10 дена со гласовите на опозицијата, 6 за, и нула против и воздржани се изгласа амандман кој беше предлог на ССМ за покачување на платите на административците за 15% согласност инфлацијата во државата и порастот на минималната плата. Потоа согласно деловник треба да заседава Законодавно правната комисија каде што овој предлог падна со 8 спрема 6, и административците нема да добијат покачување заради интересот на СДСМ само за да имаат буџет во кој ќе вклучуваат договори во 4 очи“, рече Стојаноски.
Тој истакна дека 5,3 милијарди евра ќе потрошат за наредни 12 месеци, ќе си ги поделат меѓу себе, но за работниците имаше два амандмани кои ги одбија.
„Власта брутално ги лаже синдикалците и одбива да им обезбеди средства кои им следуваат при висока инфлација, поскапени цени на производи и поскапа струја“, нагласи тој.
Во врска со американскиот тим за борба против корупција кој го најави американската амбасадорка, Стојаноски истакна дека добро ќе биде да се видат резултатите од неговата работа затоа што секојдневно се вадат афери на власта, но исто така ова значи катастрофа за државата.
„Тоа значи катастрофа и дека подолу од ова не може. Вo 30 години не дошло до ова ниво. Ние сме единствена држава во Европа каде што дошло да има ваква асистенција. Тоа што го кажа амбасадорката е голем срам за Македонија. Имаме судство со 8% доверба, го имаме случајот со Абази, Дамева, началник на полиција вмешан во шверц, а во власта ги имаме истите луѓе. Овие кои се во влада треба да се замислат“, рече Стојаноски.
Стојаноски посочи дека имаме држава во која корупцијата царува и е влезена во секоја порано, една работа не може да се заврши доколку не се поткупи некој од водечките луѓе.
„Со оваа Влада Македонија нема да влезе брзо во ЕУ. Бидејќи, оваа Влада во последниве шест години нема започнато ниту еден километар автопат. Оваа Влада е Влада која што лаже дека направила 2.100 километри патишта, а не знае ниту да наброи каде се. Оваа Влада е Влада која што нема започнато да гради ниту една болница, ниту клинички центар. Владата за пет години се уште не може да го заврши автопатот од 50 километри. Оваа Влада е Владата која што се заплеткува сама во сопствените лаги. Но, ако сакате вие да бидете членка на Европската Унија, вие морате да правите реформи со брзина на светлината. Исто така треба да имате квалитетни поединци, квалитетна Влада која што ќе отпочне квалитетни реформи. Еве само еден пластичен пример да доловам во Хрватска имаа консензуален главен преговарач со ЕУ и затоа завршија за толку кратко време. А, кај нас главен преговарач е Бојан Маричиќ, и мислам дека тоа доволно кажува и граѓаните се свесни за капацитетот на оваа Влада“, истакна Стојаноски.
Стојаноски додаде дека ветата Македонија ги добива бидејќи никој не сака од ЕУ да седи со претставник на земја која што има Влада која што е премногу криминална и корумпирана.
„Ние тие вета не ги добиваме само поради одредени прашања, туку и затоа што никој не сака до нив да седи земја која што има Влада која што е толку корумпирана. Ние сме држава која што е корозивна и која што е тотално рѓосана и распадната од внатре бидејќи во последните пет години владее премногу корупција“, нагласи Стојаноски.