01.11.2023

Стојаноска: Тие што оставаа чевли пред владата кога беа опозиција, седум години на власт ништо не направија за младите, ВМРО-ДПМНЕ во идната влада директно ќе ги вклучи во носењето политики

Јас не паметам ништо добро за младите во македонското Собрание да се случи, освен кога беа приморани, заради тоа што им беше ставен во цајт нот Законот за студентски оброк, па направија негова активација, бидејќи се доцнеше со исплата на студентскиот оброк. И нашата понуда за студентскиот оброк, која што реално беше изводлива, да се покачи наместо за 20 за 40 денари, секако беше одбиена, вели пратеничката и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска во дебатата насловена „Македонија сојузник на младите – перспектива и иднина“ што се одржа во општина Валандово во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

„И сега веројатно поради притисокот на јавноста, на младите и поради тоа што се ближат парламентарни избори па им текнува дека ништо од ветувањата за младите немаат реализирано, па еве претходниот месец потпишаа една младинска декларација и велат дека младите ќе земат учество во изготвувањето на Законот за младинско учество. Но, сето тоа се само уште едни шарени лаги во пресрет на следните избори. Тие имаа можност седум години, тоа е повеќе од половина од претходниот мандат кога владите ги водеше ВМРО-ДПМНЕ, доволно време да докажат дека навистина беа загрижени за младите. Не се грижеа ниту за младите, ниту за возрасните, ниту за било кој граѓанин во Република Македонија истите оние кои што оставаа чевли пред владата на времето кога беа опозиција, денес се неми на многу теми, освен Европска Унија и лажни европски вредности“, истакна Стојаноска.

За да ја намалиме невработеноста, вели Стојаноска, посебно на младите, прво треба да поработиме со квалитетно образование, добивајќи квалитетни кадри.

„Ние гледаме кај нас дека, буквално, се купуваат дипломи, ние имаме титули, но немаме професионалци, а знаеме дека западот и Европа најмногу бараат професионалци, без разлика дали се работи за млади со високо или со средно образование. Младите сакаат да бидат независни и професионално да се реализираат во бизнис секторот, или пак доколку се вработат во некоја институција тие да бидат корисни за таа институција, не обратно, не сакаат да бидат зависни сакаат реално да придонесат. Но за да ги имаме тие можности, оваа влада треба да си замине, затоа што никакви можности не направи за никого“, рече Стојаноска.

Во однос на тоа што треба идната влада на ВМРО-ДПМНЕ преку инклузивна политика да ги вклучи сите различни аспирации кои што младите луѓе ги имаат, се со цел да се обезбеди намалување на иселување и ладите да гледаат просперитет во Македонија, Стојаноска истакна дека тоа може да се направи со директно вклучување на младите во носењето политики и истите да не ги користиме само како надзор, како што е Законот за младинско учество, или советодавно.

„Нема тема во општеството од која што не се засегнати младите, без разлика дали е тоа образование, спорт, туризам, култура, здравство или социјални политики, нема област. Од 38 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, 20 доаѓаат од структурите на Унијата на млади сили. Тоа за мене е доволен доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не посветува внимание на младите само со тоа што ја формирало УМС, со тоа што го зголемува бројот на активисти и членови и така натаму, туку ВМРО-ДПМНЕ, на дело докажува дека и тоа како дава можност, дава доверба на луѓе кои што започнале од УМС како пратеници, градоначалници и така натаму“, посочи пратеничката Стојаноска.