„Не само Извештајот на Европската комисија од годинава, туку и претходните не опоменуваа за начинот на работа на Собранието, забелешката е невклученост на опозицијата. Ние бевме исклучени од низа процеси затоа во мај прејдовме на активна блокада. Активната блокада вроди со плод, да не беше таа активна блокада на 14 септември Љубомир Јовески ќе беше избран за уставен судија и да не беше шлаканицата од САД. По таа шлаканица сите од власта се испотепаа да кажат дека не бил добар јавен обвинител и не бил за уставен судија, а тој не беше избран поради нашата блокада. Во Собранието продолжува самоволието на првиот меѓу еднаквите, но не е еднаков“, рече Дафина Стојаноска, пратеник и член на Извршниот комитет од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување на телевизија 24
Стојаноска во делот на нефункционалноста на Собранието го спомена и неуставно одложување на свиканата Комисија за правата на граѓаните каде требаше да се дебатира за случајот Беса транс и пожарот во модуларната болница во Тетово.
„Имавме неодржување на пратенички прашања, имаше прекин од 30 јули минатата година до 28 април годинава, беше одбиено барањето за референдум за францускиот предлог. Има многу актуелни теми, а деновиве се наврши и година од оставката на Зоран Заев кој велеше дека судството ќе го отвори како пупка, но судството му е прецветана ружа“, рече Стојаноска.
Стојаноска посочи дека за разлика од централната власт во чии институции, според резултатите од истражувањата на јавното мислење, граѓаните се помалку веруваат, во локалната е поинаку. Таа укажа дека локалната власт има реализирано проекти во висина од 120 милиони евра.
Говорејќи за уставните измени Стојаноска децидно посочи: „Ние како ВМРО-ДПМНЕ сме многу јасни, ние не прифаќаме никакви уцени“.
Во текот на емисијата Стојаноска се осврна и на дојавите за бомби кои што за жал станаа секојдневие во државата, а власта не превзема соодветни мерки.
„Не сакавме да даваме легитимност на Комисија за одбрана и безбедност која однапред беше договорено да биде затворена, а беше свикана на барање на најголем број на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Освен актуелните случувања со дојавите за бомби во училишта, нас не интересираше и што се случува со партизацијата во МВР, што се случува со издадените пасоши на белосветвски криминалци. Ние сметавме дека не треба да биде затворена седница, бидејќи јавноста има право да знае и треба да се разговара за темите“, рече Стојаноска.
Стојаноска посочи дека не е страшно ако немаат капацитет да одговорат на дојавите за бомби, но треба да побараат помош од стратешки партнер, членка на НАТО.