16.06.2023

Славески за резолуцијата од Германија: Тоа е за поздравување, но не го решава проблемот бидејќи Бугарија целосно го негира идентитетот на македонскиот народ, јазик и нација

„Пред самата лидерска средба имавме Извршен Комитет каде бевме запознаени со позициите кои ќе настапи лидерот Христијан Мицкоски и по лидерската средба и јавноста беше запознаена со позициите на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески во вечерашното гостување во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24.

Тој додаде дека пристапот на ВМРО-ДПМНЕ е сосема различен. Доколку се формира широка коалиција Влада која ќе ги подготви изборите за кратко време тоа би било прифатливо.

„Да се формира Влада без ДУИ која ќе подготви избори, а по тие избори секоја од партиите да ја добие поддршката од партиите власт – опозиција македонски блок во решавање на горливите прашања за пристапување кон ЕУ и преговарачката рамка со ЕУ“, кажа Славески.

Во однос на резолуцијата изгласана во Бундестагот, Славески посочи дека Германија и досега немала проблеми со нашиот идентитет.

„Германија да беше на некој начин толку вредна да го спречи натамошното вето што го поставува Бугарија тоа ќе беше направено и до сега. Во секој случај тоа е за поздравување, но не го решава проблемот на намерите на Бугарија која целосно го негира идентитетот на македонскиот народ, јазик и нација“, вели Славески.

Тој додаде дека сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде партијата што ќе формира Влада.

„ДУИ го прекрши правилото победник со победник, тие тоа го прекршија и оттаму е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е партија која 20 години е во власта и долгата власта корумпира апсолутно затоа е најдобро за самата партија ДУИ и Македонија да оди ДУИ опозиција“, кажа Славески.