16.02.2023

Ристески до Ковачевски: Џабе е реконструкција, излез од оваа ситуација е можен само со избори

Ова е расправа за разрешување на министерот за здравство Беким Сали, ама премиерот Димитар Ковачевски ништо не кажа, не образложи ништо за неговата работа, рече пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа за разрешување на министерот за здравство.

Според него едно е видливо, а тоа е дека никој не виде никакви резултати во здравството.

Ристески потсети дека Ковачевски бараше поголемо мнозинство за реформи, за борба против корупцијата, за пристапување кон ЕУ.

„Дали ова значи дека по шест години од практикување на власат вие признавате дека нема стабилност, цвета корупцијата, економијата пропаѓа“, го праша Ристески премиерот Ковачевски. 

Ова, рече Ристески, е коалиција на лицемерие. Оваа како што рече пазарџиска коалиција е нереална бидејќи Алијанса за Албанците која сега влегува во Влада беше полна со критики за начинот на водење на власта.

„Зошто сега се мачите со реконструкција кога граѓаните не ви веруваат. Излез од оваа ситуација е можен само со избори“, посочи Ристески.