06.10.2024

Попов: После 7 години понижувања, порази и бесперспективност, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има стратегија, и проекти кои нудат перспективи, иднина, промени, реформи и услови за развој и просперитет на секој млад човек во државата

Почитуван претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Премиер на Република Македонија, Проф.Д-р Христијан Мицкоски,

Почитуван генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски,

Почитувани членови на Извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани министри, пратеници, градоначалници,добредојдеовте на оваа 33-та годишна конференција на најмоќниот политички подмладок во Македонија, УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Кој би рекол дека само 100 дена можат да значат повеќе од 7 години, дека апатијата може да се замени со проактивност и надеж, дека власта може првенствено да служи на општото добро, пред личните интереси на поединци. Кој би рекол дека е можна трансформација на општеството обземено не само од добро познатите поими криминал и корупција, туку и голема безнадежност. После 7 години понижувања, порази и бесперспективност, го направивме токму тоа. Македонија конечно доби влада која се грижи за секој еден млад, која нуди надеж и перспективи, влада која нуди можности, визија и светла иднина за секој еден од нас. 

Ми претставува огромна чест, што оваа 33-та годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа токму во периодот кога одбележуваме 100 дена од новата влада. Момент, кој ни дава можност да се потсетиме на сите премрежја низ кои поминавме во последниве години, за руинираниот систем кој го наследивме, но и позитивните практики кои ја враќаат надежта кај младите луѓе во Македонија. 

Свесни сме дека наследивме опустошена држава – држава чии лидери го продаваа сопствениот идентитет, држава без пари, буџет потрошен за личен бенефит, политики кои не понудија стратегија и решенија за најголемите проблеми со кои се соочуваа младите луѓе. Недостасуваа над 600 милиони денари за студентските оброци и стипендии, студентските домови беа во мизерни услови, а се повеќе и повеќе наши пријатели својата иднина ја гледаа надвор од Македонија. Но и покрај сите овие кочници, проблеми и предизвици, ние никогаш не се обесхрабривме и никогаш не дозволивме младите во Македонија да признаат пораз. Наместо очај и дефетизам, понудивме одлучност, визија, јасна цел и конкретни решенија и политики кои повторно ќе ги вреднуваат трудот и желбата на младиот човек за подобро утре.

Токму во таа насока е и слоганот на оваа 33-та годишна конференција – Иднина за сите, иднина СЕГА! Иднина за сите и сега бидејќи ни беше доста од демагогија и празни ветувања за иднината, од охрабрувачки пораки дека нашето време некогаш ќе дојде, скроени од оние кои се плашеа од нашата енергија, решителност и одлучност да создадеме подобро утре. Токму тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ поинакво од сите политички гарнитури во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија која ја препозна енергијата и потенцијалите на младите луѓе и од првиот ден кога влеговме во битката за враќање на државата во свои раце, најголемиот товар и клучната улога беше доверена на нас младите. Уште од првиот ден од освојувањето на власта, фокусот на новите политики беше ставен на младите – подобрување на условите во студентските домови и на факултетите, грижа за младите лекари и специјализанти, создавање услови за целосна реализација на потенцијалите на младите претприемачи, професионалци, научници, како и ред други мерки кои се креираат во насока на подобрување на нашето секојдневие. 

Велат дека една ластовичка не ја носи пролетта, но ние сме посветени да докажеме дека навидум малите чекори во првите 100 дена, можат да ја донесат посакуваната и подобра иднина. Ако во 100 дена успеавме да покажеме решителност и да направиме многу повеќе од тие за  7 години, замислете што можеме да оствариме доколку останеме обединети, силни и доследни на нашите идеали. Иднина за младите, сега, преку создавање на систем и услови кои ќе го вреднуваат сечиј труд. Загарантирани работни места во државните институции за 500-те најдобри студенти во генерацијата, можности за работа со скратено време за студентите без притоа да го изгубат статусот на редовни студенти, отворање на десетици илјади нови работни места, можности за доквалификација и стекнување нови вештини за подобра позиција на пазарот на труд. Инвестиции во ИТ секторот, вештачката интелигенција и ред други програми за започнување сопствен бизнис. Поддршка за младите земјоделци, лекари, инженери, научници и работници. Поддршка за сите млади кои иднината ја гледаат во Македонија преку проекти за олеснување на процесот за почнување семејство и обезбедување сопствен дом. Работиме на враќање и подобрување на иницијативата „Купи куќа за млади“, со која настојуваме од младите луѓе да направиме силни и независни поединци кои самостојно ќе се борат за подобро утре. Работиме на многу други иницијативи и проекти кои ќе ја запишат оваа нова генерација на политичари во историјата како пример за тоа како се работи и како се сака својата татковина и својот народ.

Ќе продолжиме да докажуваме дека власта и младите не треба да бидат противници, како што се навикнавме до сега, туку дека преку дијалог, отворена дебата и транспарентен пристап, можеме да ја изнајдеме заедничката заемна корист. Ова се работите кои не прават различни од нив, бидејќи ние во политиката не влеговме за да критикуваме и да го повторуваме она што му е познато на секој еден граѓанин, туку за да си ја вратиме Македонија назад, во свои раце.

Дојде времето на нашата генерација на политичари која не прифаќа „не“ и „не може“ за одговор, бидејќи ние не знаеме за препреки, туку за системски решенија кои Македонија ќе ја направат подобро место за живеење за секој млад човек. Ние сме силата која ги испорача и донесе промените, и со целата одговорност тврдам дека ние ќе бидеме силата која ќе ја изгради државата која ја заслужуваме.

Почитувани пријатели,

Претходните годишни конференции, речиси постојано зборував за апатијата, бесперспективноста и бездната во која беше втурната Македонија и македонскиот народ. Овие наши собири претставуваа само потсетник дека Македонија се уште има млади луѓе кои се грижат за својата иднина, но и дека истите тие луѓе беа изолирани од сите државнички процеси, оставени на маргините со цел некој да го распродаде и она малку што ни остана.

Долги години зборувавме дека треба да бидеме упорни и да останеме истрајни на идеалите за подобро утре, а верувајте дека нема поголемо задоволство кога гледаме дека целиот труд се исплатеше и Македонија повторно може да зачекори на вистинскиот пат. Пат кој нуди перспективи, иднина, промени, реформи и услови за развој и просперитет на секој млад човек во државата.

Браќа и сестри,

Поминавме низ многу тешки и мачни моменти и токму затоа дозволете ми да изразам искрена благодарност до секој еден од вас кој низ годините даде свој придонес во борбата да си ја вратиме Македонија во свои раце, иако борбата е далеку од завршена. Пред нас е предизвикот да продолжиме со креирање на успешните политики кои Македонија повторно ќе ја направат земја која ќе асоцира со успеси и национална гордост, земја со која секој граѓанин ќе може да се гордее и земја која на младите ќе им испорача иднина за сите и сега.

Веруваме во она што го правиме и ве повикувам да ни се придружите во овие моменти во кои испишуваме историја. Да се обединиме и да покажеме како решително дејствува ВМРО и како се сака Македонија.

Да живее УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Да живее ВМРО-ДПМНЕ, да живее Македонија!