24.03.2024

Платформа 1198: Зголемување на буџетските средства за образование и наука, подобрување на образовната инфраструктура, нови министерства за туризам и спорт, 50 милион евра за спортот, 50 милиони евра стипендии за средношколците и студентите и многу други проекти

Весна Јаневска, претседателка на Комисијата за образование и наука на денешната програмска дебата насловена „Искористување на потенцијалот – Образование, култура, туризам и спорт за развој на државата“ на која се презентира програмата на ВМРО-ДПМНЕ Платформа 1198 истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека образованието претставува камен темелник на една држава и има клучна улога во обликувањето на сегашноста и иднината на економскиот развој, социјалната кохезија, демократијата, зачувувањето и промоцијата на македонскиот идентитет и во правилниот развој на личноста.

За да го постигнеме ова, се обврзуваме дека ќе ги зголемиме буџетските средства кои се одвојуваат за образование од 3,4 на 5 проценти од БДП, за наука од 0,34 на еден процент од БДП. На тоа ќе се додаде еден денар од акцизите на нафтените деривати. Со овие средства ќе го прилагодиме македонското образование на потребите на пазарот на трудот и националните потреби на Македонија. Ќе извршиме сеопфатно подобрување на образовната инфраструктура. Преку поддршка на универзитетите ќе постигнеме забрзан развој на науката, со активни политики ќе работиме на задржување на нашата иднина, на нашите млади во татковината и развивање на нивниот потенцијал во Македонија. Предучилишното образование ќе го вратиме во ресорот, таму каде што припаѓа, во Министерството за образование и наука, рече меѓу другото Јаневска.

Благица Ласовска, пратеник во текот на своето обраќање се осврна на инклузијата каде посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди вистинско инклузивно образование каде ќе бидат вклучени стручни кадри од училиштата како и родителите.

Инклузијата односно вклучувањето во образованиот процес кој што имаат посебни образовни потреби е многу важна работа и за нив и за нивното семејство и ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди вистинско инклузивно образование. Тоа е основно човеково право и затоа секоја држава треба да се потруди да го обезбеди ова право. Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе направиме еден сериозен пристап затоа што тоа бара многу средства, прилично едуциран кадар кој што ќе работи со децата со посебни образовни потреби и поголеми материјални средства. Во овој процес наш партнер ќе бидат и родителите и стручните служби во самите училишта. Во однос на безбедноста во училиштата ние ќе имаме една програма за спречување на насилството во училиштата. Исто така значајно е дека родителите повеќе не можат да плаќаат партиципација за обезбедување на самите училишта туку тоа треба да го прави државата, порача Ласовска.

Во текот на дебатата се обрати и Зоран Љутков, тој посочи дека Буџетот на министерството за култура за 2024 година е историски најмал досега.

Буџетот на министерството за култура за 2024 година кој од севкупниот Буџет на државата историски гледано најмал досега изнесува само 1,36%. Поделбата на средствата се распределени на следниов начин. Значи 0,70% за плати на вработените во културата, 0,15% за комуналии за обезбедување на објекти и материјални трошоци за установите и само 0,40% се наменети за програмски содржини и инвестиции или изразено во средства некаде околу 800 милиони денари што значи дека со ваков Буџет нема никаква продуктивност, рече Љутков.

Тој истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ за прв пат ќе воведе стимулативна мерка а тоа е 1 денар од акцизата за нафтените деривати за културата.

Имајќи ги во предвид овие показатели Владата на ВМРО-ДПМНЕ за прв пат воведува стимулативна мерка а тоа е 1 денар од акцизата за нафтените деривати за културата. Мерка со која ќе се удвојат средствата за програмските активности и за капиталните инвестиции. Значи овие средства од акцизата кој од 2025 година на годишно ниво ќе се слеваат во културата претставуваат нови дополнителни 750 милиони денари годишно што значи двојно повеќе средства или преку 1,5 милијарда денари или само во еден мандат од 2025 до 2028 година ќе има околу 3 милијарда денари дополнителни директни финансиски вложувања во културата. Што значи дека културата конечно ќе може да земе здив, вели Љутков.

Тој посочи дека како Влада ќе ги завршат сите објекти кои се започнати во 2014 година кои не се завршени во овие 7 години.

Најважно е што го менуваме начинот на финансирање а тоа е преку реформи за финансирање преку воведување на јасни и прецизни критериуми, делегиран Буџет кој ќе се однесува за националните установи што значи дека досегашните конкурси што ги имавме за кои имаше многу критики се заменуваат со тоа што менаџерите на институциите во културата од почетокот на годината ќе ги добиваат своите средства од старт но потоа комисиите ќе ги мониторираат и ќе ги евалуираат проектите и во зависност од постигнатите резултати ќе добиваат толку средства колку што им се потребни за следната година, вели Љутков.

Мими Ѓорѓоска Илиевска претседател на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека ВМРО-ДПМНЕ во програмата планира многу проекти за заштита на културното наследство, заштита на македонскиот јазик, негување на македонскиот фолклор, како и континуирани археолошки истражувања, реставрации, конзервации и дигитализација на културното наследство на Македонија.

Културата претставува еден од трите најважни столба на кои се претставени сите европски држави а ВМРО-ДПМНЕ секогаш на културата гледа како на главен носител на идентитетот и развојот. Токму затоа во програмата предвидуваме заштита на македонските национални интереси со сите институционални механизми и ставање во нивна функција со една единствена цел унапредување на општеството. Остануваме посветени кон зачувување и зацврстување на идентитетот на македонскиот народ и на другите етнички заедници во Македонија. Заштита на културното наследство како темелна вредност на државата. Во таа смисла клучни мерки кои што ги предвидовме во програмата се однесуваат на зачувување и унапредување на македонскиот јазик, при што ќе реализираме проекти за дигитализација на усното и пишаното творештво на македонски јазик, ќе се формира национална комисија за стандардизација на географските имиња исто така ќе се формира лексикографски институт во рамките на народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Ветуваме континуирано негување на македонскиот фолклор. Обезбедување на најсовремени просторни и технички услови за работа на единствениот државен ансамбл „Танец“. Заштита на културното наследство е наш врвен приоритет и планираме континуирани археолошки истражувања, конзервација, реставрација, и дигитализација на културното наследство, нагласи Ѓорѓоска Илиевска.

Претседателот на Комисијата за туризам на ВМРО-ДПМНЕ, Слободан Блажевски истакна дека после доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, за првпат од осамостојувањето на Македонија туризмот ќе го добие своето заслужено место.

„За прв пат туризмот ќе биде на ниво на министерство заедно со културата и ќе имам

е министерство за култура и туризам и со самото тоа нашата партија ВМРО-ДПМНЕ му дава фокус на туризмот, ако се има во предвид дека досега функционираше во рамките на Министерството за економија како сектор за туризам. Како дел од министерството за култура и туризам ќе го опфатиме целокупниот туристички сектор, односно туристичките агенции, хотелско-угостителски објекти, превозници во туризмот, туристички водичи и водичи во планина и секако области поврзани со создавање на квалитетен кадар за туризмот“, истакна Блажевски и додаде:

„Од тој аспект ние како ВМРО-ДПМНЕ ја препознаваме можноста и природните убавини кои ги има нашата земја и со агресивна кампања и промоција во рамките на нашата држава и во странство ќе направиме туристички бренд од нашата земја која што ќе биде препознатлива со своите убавини, како природни и културни потенцијали, така и од гастрономски аспект, односно автохтона храна и специјалитети и пијалаци од македонското поднебје“, потенцираше Блажевски.

Игор Кралевски посочи дека еден од главните проекти ќе биде спортски денар со што ќе се соберат 50 милиони евра директна поддршка за спортот во 4 годишниот мандат на владата предводена од претседателот Христијан Мицкоски.

„По еден денар ќе се издвои од наточено дизел гориво. Со ова ќе се обезбеди зголемување на државното инвестирање во спортската инфраструктура, поддршка на професионалниот и масовен спорт, едукација на наставниот кадар на спортските работници и вложување во спортската наука. Спортските клубови повеќе нема да бидат оставени на милост и немилост. Со ова ќе почнат да се гледаат резултатите на националните репрезентации, но и во клупските спортови. Задача ќе ни биде да го вратиме сјајот на фудбалот, ќе ја вратиме македонската гордост Вардар, тоа не може преку ноќ но за четири години ќе има резултати“, рече Кралевски.

Спортот е на многу ниско ниво, затоа ние направивме една стратегија која што ќе проба да ги опфати сите сегменти во спортот, не само директната помош финансиска која што ја зголемивме. Најважно од се според мене е создавањето на новото министерство за спорт, кое што ќе биде еден огромен чекор само по себе, за самиот спорт. Затоа што спортистите конечно ќе имаа свој дом и ќе можат сите да си ги кажат своите проблеми, сите побарувања и се она што им пречи, истакна Борко Ристовски, претседател на Комисија за спорт на ВМРО-ДПМНЕ.

Ристовски додаде дека самото создавање на министерството за спорт ќе го подобри спортот и унапреди за 50-тина проценти.

Мерката спортски денар е една мерка која што во спортот носи преку 800 милиони денари на годишно ниво. И според нашите планови и размислувања 85% од тие средства ќе одат во инфраструктурата. Не можеме да зборуваме за успех во спортот ако немаме инфраструктура“, заклучи Ристовски.

Претседателот на УМС Сергеј Попов рече дека ВМРО-ДПМНЕ изработи квалитетна програма за младите луѓе која што беше правена во соработка со младите и се ценеше мислењето на сите млади луѓе.

Попов истакна дека во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е планирано враќање на проектот дом за млади.

Предвидување враќање на проектот дом за млади. Со овој проект се предвидува исплаќање на субвенции на месечна рата за изградба на куќа или исплаќање на субвенции за почетно учество при добивање на кредит за изградба на куќа. За младите парови кои планираат да се преселат на село ќе изработиме програма со која ќе овозможиме еднократна финансиска поддршка за купување, градење или проширување на куќа. Ќе го поддржиме проширувањето и енергетско ефикасното реновирање на домовите за младите и предвидуваме продажба на државно неизградено земјиште по повластена цена по метар квадратен, истакна Попов и посочи дека:

ВМРО-ДПМНЕ предвидува 50 милиони евра за стипендии за средношколците и студенти. За дефицитарните и високо платените професии предвидуваме целосни стипендии. И предвидуваме намалување на партиципацијата за студирање за 50 проценти за студенти до 25 години кои се родители. ВМРО-ДПМНЕ предвидуваме пакет за фриленсери, законски можности за препознавање на категоријата фриленсер.