Платформа „Македонија повторно горда“
Содржина
Зошто се кандидирам за претседателка? 2
Владеење на правото 10
Надворешна политика 14
Безбедност, одбрана и НАТО 19
Дипломатија 22
Животна средина 26
Заштитничка на најранливите категории на граѓаните 27
Претседателка ̶ пријател на младите 28
Македонија и дијаспората 30
Култура 32
Поттикнување развој преку наука, дигитализација и развој на човечки капацитети 34
Платформа „Македонија повторно горда“
Зошто се кандидирам за претседателка?
Почитувани граѓанки и граѓани,
Решив да се кандидирам за претседателка. Ви ги претставувам мојата визија и мојот план за развој на Македонија.
Во ова време невреме, кога се плашиме дека катадневно дел по дел ја губиме државата, ветувам дека ќе бидам бедем на македонската државност!
Токму денес, кога славиме 80 години македонска државност, стремежите, вредностите и принципите на трите Илиндени за самостојност и независност, се под животна закана.
Чувствуваме и гледаме дека:
̶ државата пропаѓа пред нашите очи;
̶ владеењето на правото е урнисано;
̶ неказнивоста води кон анархија;
̶ демократијата е во длабока криза и не ја отсликува волјата на народот;
̶ институциите се приватизирани, инструментализирани и злоупотребени од малкумина моќници;
̶ корупцијата и криминалот се вгнездени во секој дамар;
̶ власта е отуѓена, неефикасна и неодговорна;
̶ моралните вредности и принципи се погазени;
̶ европеизацијата е гола политичка реторика, а не реалност;
̶ неспособните и послушните ја окупираа државната и јавната администрција, а најумните и највредните си заминуваат;
̶ надежта за подобро утре се губи.
ПОЛИТИЧКА ДИЈАГНОЗА: НЕЛЕГИТИМНА ВЛАСТ
Ако легитимна власт е онаа зад која стојат довербата, волјата и согласноста на граѓаните, тогаш легитимитетот на оваа власт е во длабока криза:
̶ поради драматичниот пад на довербата, поддршката и согласноста на граѓаните.
Причини за изгубениот легитимитет се:
̶ неисполнетите потреби и интереси на граѓаните;
̶ непочитувањето на Уставот и на законите;
̶ кршењето и негирањето на политичките правила насочени кон остварувањето на основните начела и вредности, како што се: еднаквоста, недискриминацијата, правдата, толеранцијата, достоинството.
Последица од делегитимираната власт е нестабилниот политички систем со:
̶ слаби или пропаднати институции;
̶ политички богови и олигархиски групи;
̶ нерешени барања и запоставени преференции на граѓаните.
Излезното решение се фер и демократски избори и смена на власта со НОВА власт и со нови политичари со АВТОРИТЕТ!
Како жена со самопочит и почит кон другите, без оглед на нивните разлики,
Како меѓународно афирмирана конституционалистка,
Како професорка која животот им го посветила на образованието и науката, на правото и правдата,
Како пратеничка со критичка мисла и со конструктивни предлози за добри закони и политики,
Како активистка и бранителка на: женските права, правата на најранливите категории и социјалната правда,
Како личност посветена на борбата за здрава животна средина и одржлив развој,
Предложена од најголемата партија, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ порачувам,
Крајно време е:
̶ да го следиме примерот на демократски развиените држави од Европската Унија и од светот, и државните интереси да ги ставиме над партиските и личните;
̶ сите заедно да ги браниме националните и државните интереси;
̶ да градиме стабилност, безбедност, демократски, економски и социјален развој;
̶ да ја поттикнеме македонската европска интеграција со активирање на најспособните и најдобрите во земјава и во дијаспората;
̶ да ѝ го вратиме достоинството на Македонија дома и во светот.
Само ако се почитуваме себеси, може да очекуваме почит од другите.
Ве повикувам вас, почитувани граѓанки и граѓани на Република Македонија, заеднички да преземеме одговорност за враќање на нашата почит.
ОСНОВНИ ЦЕЛИ на мојата програма
Македонија мора да биде:
̶ самостојна, независна, демократска и социјална држава;
̶ држава чиј суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа ним;
̶ европска, стандардна, функционална држава;
̶̶ држава заснована на владеење на правото, почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и на малцинските права;
̶ држава со одговорна власт, што извира од народот и му припаѓа нему;
̶ држава на рамноправни граѓани кои живеат во мир и благосостојба;
̶ горда држава на среќни и достоинствени граѓани.
СО ЗАСЛУЖЕНА САМОПОЧИТ ДО ПОЧИТ
Претставниците на оваа власт ниту имаат самопочит ниту ја заслужуваат, поради отсуството на знаење, дигнитет и интегритет. Заробени од личните и колективни фрустрациии, го говорат и го прават она што силните сакаат да го чујат и да го видат, заборавајќи и жртвувајќи ги националните и државни интереси.
Самопочитта се стекнува со вредно работење, пожртвуваност, посветеност, лични, колективни и општествени успеси!
Во Европската Унија и во светот ќе бидеме почитувани ако сме:
̶ правна држава;
̶ ако ги почитуваме слободите и правата, вклучувајќи ги и малцинските;
̶ ако изградиме стручна и компетентна државна и јавна администрација, како костур на државата;
̶ ако градиме независно судство засновано врз право, правда и морал;
̶ ако корупцијата и криминалот ги гледаме како најголем непријател и манифестираме нулта толеранција кон нив;
̶ ако креираме амбиент за здрава, компетитивна економија;
̶ ако развиваме квалитетно, компетитивно образование и наука и ако ги негуваме и ги наградуваме најдобрите;
̶ ако си го заштитиме културното наследство и од него направиме препознатлив национален бренд;
̶ ако вложуваме во аматерскиот и професионалниот спорт и водиме грижа за најдобрите;
̶ ако ги обновиме македонските институции;
̶ ако ги ангажираме и вратиме најдобрите, највредните и најспособните.
Заслужената почит на носителите на највисоките функции на власт ќе ја зголеми довербата во институциите, ќе ја засили идентификацијата на граѓаните со државата и ќе го поттикне патриотизмот!
ЈАС, КАКО ПРЕТСЕДАТЕЛКА
Ветувам дека:
̶ ќе градам единство и консензус за прашањата од национален и државен интерес;
̶ ќе бидам не само до ВАС, туку и меѓу ВАС и со ВАС;
̶ ќе се водам од Уставот и законите;
̶ ќе се повикувам на европското и меѓународното право во одбраната на државните и национални интереси;
̶ ќе ја почитувам поделбата на власта и нема да дозволам нејзино апсолутизирање од кого било;
̶ за амбасадори и други пратеници во странство ќе поставувам личности кои ќе исполнуваат највисоки критериуми;
̶ ќе соработувам со Владата, но нема да бидам послушна, туку самостојна и критичка глава на извршната власт;
̶ ќе го почитувам Собранието, но ако треба ќе посегнам и по вето против неуставните закони;
̶ како врховна командантка на вооружените сили ќе ги штитам територијалниот интегритет и независноста на Републиката;
̶ ќе се водам од стручноста и од компетентноста при номинирањето на носителите на државни функции за кои сум овластена;
̶ при изборот на членовите на мојот кабинет ќе се водам од стручноста и компетентноста, но ќе го имам предвид и начелото на правична и соодветна застапеност;
̶ во помилувањето ќе се водам од правото, но и од правдата како негов коректив;
̶ ќе им доделувам одликувања и признанија на најзаслужните без оглед на каква било припадност.
Ветувам дека достојно ќе ве претставувам дома и надвор, дека нема да се чувствувате како мали и понижени, туку како достоинствени граѓани на Македонија!
Мојот легитимитет извира од ВАС, затоа ве повикувам, граѓанки и граѓани на Република Македонија, заеднички да си ги вратиме човечката, граѓанската и државната самопочит и почит!
Владеење на правото
Вовед
Јасно е дека во Македонија не владее правото. Поделбата на власта, темелна вредност на уставниот поредок, не се почитува. Спрегите и кочниците меѓу законодавната, извршната и судската власт се изместени. Собранието и претседателот на Републиката се сосема маргинализирани. Судската власт е далеку од независна, судските реформи се партизирани. Имаме политика на неодговорност, политика на унапредување корумпирани и некадарни личности на јавни функции кои немаат независност и се сервилни кон надредениот и партијата. Власта се злоупотребува за корупција, крадење и лично богатење, а одговорност, истрага и казни нема освен за некои најниски ешалони. Јавните набавки се рак-рана. Власта е нетранспарентна, неефикасна и неодговорна пред граѓаните. Општеството се соочува со ерозија на моралот. Европеизацијата се сведе на политичка реторика, а не на реалност. Од друга страна, економијата стагнира, раслојувањето е видно, а емиграцијата постојана. Ни се наметнува северномакедонски идентитет. Идентификувањето со Македонија и македонски институции и дома и надвор, и употребата на македонскиот јазик и неговото именување во меѓународни рамки, ни е оспорено.
Проблем има и во самото донесување на законите и во нивното спроведување. Во Собранието нема делиберативна демократија и дискусија. Законите се носат без соработка со општествените чинители, без консултации со политичките опоненти. Чести се случува некои закони кои опозицијата смета дека се погрешни или се обидува да ги промени, ̶ да се туркаат скоро насила под таканареченото европското знаменце. Ние одамна немаме Собрание како законодавен и контролен орган на извршната власт. По донесувањето, законите катастрофално се спроведуваат, односно некои одредби не се спроведуваат и има последици врз граѓаните, како, на пример, законските одредби околу животната средина. Стоп за партократијата, стоп за министрите од коалицискиот партнер кои не се одговорни пред премиерот, туку пред лидерот на таа партија! Се залагам за меритократија.
Како претседателка на Републиката ќе ги искористам сите уставни овластувања во согласност со принципот на поделба на власта, а во насока на воспоставување владеење на правото. Јавно ќе барам директна и целосна одговорност за секое прекршување на правните норми и моралните начела од страна на одговорните лица од власта на секое ниво и подрачје на дејствување. Изгубената доверба во институциите, во системот и во државата може да се поврати единствено преку еднаквост на сите пред законите и преку воспоставување највисоки етички правила за функционерите. Нивната мисија мора да биде секојдневно да работат во интерес и во служба на граѓаните, одговорно, транспарентно и отчетно. Не смее да постои никаква толеранција за отстапувања од тој систем на вредности и застапувања на лични, партиски или бизнис-интереси. Во односите меѓу партиите ќе се поставам како неутрален модератор и ќе дејствувам непристрасно при евентуални дијаметрално различни позиции во однос на прашањата од национален интерес.
Предлози за конкретни активности и проекти
Како натпартиска претседателка ќе ја претставувам Републиката во земјата и во меѓународните односи, водена од националните интереси и интересите на сите граѓани без оглед на нивната етничка и верска припадност, политичко уверување, пол, раса, социјално потекло и други основи. Во таа насока, ќе ја вратам практиката на отворени канцеларии на претседателот, со отворање можност за директен контакт во определени термини или преку електронска пошта. Ќе бидам секогаш подготвена да ги слушнам нивните поплаки, особено во однос на нивните слободи и права, но и да ги слушнам предлозите за политиките на претседателот. Во таа смисла, ќе бидам партнер на граѓаните и со отворање техничка можност за поднесување граѓански иницијативи и петиции (како, на пример, change.org), вклучително и на англиски јазик за да им се овозможи на припадниците на дијаспората да контактираат со претседателот. Медиумите во секое демократско општество се посредник меѓу носителите на власта и на граѓаните. Поради тоа, ќе одржувам постојана врска со претставниците на медиумите, и ќе бидам подготвена да одговарам на нивните прашања.
Обраќање пред Собранието
Тргнувајќи од високиот и директниот легитимитет добиен од граѓаните, и во согласност со овластувањето да ги претставувам во земјата, имам намера да бидам проактивна претседателка. Наместо како во досегашната практика кога претседателот се обраќаше пред Собранието само еднаш годишно, повеќе пати ќе се обраќам пред пратениците на барање на различни категории на граѓани, особено на ранливите групи кога нивните интереси ќе бидат занемарени или загрозени. Ќе се обраќам во функција на градење национален консензус за најважните прашања, како што се: евроинтеграциите, националната безбедност и меѓународната улога на Македонија.
Користење суспензивно вето
Правото на суспензивно вето, во духот на поделбата на власта, ќе го користам во функција на подобрување на квалитетот на законите, а не за манифестирање силна претседателска власт или заради преземање на законодавната функција на Собранието. Ќе ја следам будно законодавната дејност, и секогаш кога ќе располагам со издржани правни аргументи за неусогласеност на законот со Уставот, ќе реагирам. Во таа смисла, планирам да го користам правото на обраќање заради образложување на причините за ветото, а пред повторното гласање на пратениците. Во вршењето на оваа надлежност, немам намера да го супституирам Уставниот суд, па затоа моите аргументи ќе бидат во функција на промислување на законските решенија. Последниот збор го имаат пратениците, но како и за секој друг граѓанин, и за претседателот важи правото на поднесување иницијатива за испитување на уставноста на Законот од страна на Уставниот суд.
Давање мандат за формирање Влада
Во отсуство на јасни и прецизни уставни одредби за роковите и за начинот на утврдување на капацитет за формирање Влада, а во интерес на државата, ќе користам не само политички критериуми, туку и експертска помош, раководејќи се од досегашната пракса. Пред доделувањето на мандатот за формирање Влада, ќе остварам консултации со лидерот, односно со лидерите на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатот ќе го добие оној што ќе понуди најсигурни гаранции дека навистина има капацитет, односно потребно мнозинство во Собранието.
Соработка со Владата
Соработката со владата, дури и во услови на кохабитација, е тест за државничка зрелост. Поради тоа, ќе негувам конструктивни односи со Владата како носител на ефективна извршна власт, особено во сферите на поделената/заедничката надлежност. Во случај на евидентно кршење на Уставот или опструирање на вршењето на функциите на претседателот, ќе се обратам пред Собранието и пред медиумите за да ги обзнанам причините за судирот и да побарам јавна поддршка. Освен тоа, претседателот има можност да покренува постапки пред Уставниот суд во однос на актите што ги донесува Владата.
Помилувања
Давањето помилувања како надлежност на претседателот секогаш ќе биде во согласност со Законот, но со водење сметка за независноста на правосудството и за природата на оваа функција како квазисудска.
Одликувања и признанија
Давањето одликувања и признанија, во согласност со Законот, сепак ќе го сметам за исклучително важна, иако симболичка функција. Критериумите за избор на лауреатите зборуваат за вредносниот и моралниот кодекс на претседателот, кој и на тој начин ја претставува државата во земјата и во странство. Ако одликувањата завршуваат во рацете на најдобрите, тоа ќе биде стимул за сите во општеството да се натпреваруваат во извонредност.
Принципи за кадровски решенија
При предлагањето на двајца членови на Судскиот совет, двајца судии на Уставниот суд, тројца членови на Советот за безбедност, гувернер на Народната банка, шеф на Агенцијата за разузнавање, како и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и соодветните закони, строго ќе се водам од критериумите на стручност, компетентност и конкурентност. Процесот на селекција и избор на носителите на овие функции ќе биде инклузивен и транспарентен. Овие функции нема да бидат резервирани како прибежиште за заслужни партиски кадри.
Заради исполнување на претседателските надлежности ќе се опкружам со мал кабинет на стручни и компетентни луѓе, а ќе водам сметка за уставниот принцип на правична и соодветна застапеност. При составувањето на Кабинетот ќе се водам од начелото на инклузивност, со почитување на родовата димензија, водење сметка за лицата со посебни потреби, како и според начелото на хуманизам, социјална правда и солидарност.
Заради транспарентноста на процесот, јавно ќе ги објавиме имињата на членовите на Кабинетот и сите функции подложни на указ на претседателот, како и нивните професионални квалификации.
Надворешна политика
Вовед
Меѓународните партнерства и принципите на добрососедството, поддршката на демократските принципи, човековите права и меѓународното право се темелите врз кои се базира македонската надворешна политика. Како претседателка на Република Македонија ќе ја претставувам нашата земја во странство и во меѓународните организации каде што ќе ги промовирам токму овие принципи и ставови. Македонија треба да негува добри односи со сите држави, да биде активна во сите полиња на меѓународна соработка, не само како набљудувач на светските трендови, туку и како извор на идеи за решенија на некои од елементарните проблеми кои нè засегаат сите подеднакво, независно од нашата големина или статус. Тука се, пред сè, проблемите кои произлегуваат од климатските промени, недостиг од енергетски ресурси, борбата против организираниот криминал, заштитата на човековите права и слободи, како и борбата против сиромаштија. Како претседателка на сите граѓани се обврзувам да бидам активен лобист, пред сè, во земјите членки на Европската Унија за отворање на патот за Македонија кон ЕУ. Затоа е потребна силна и широка мрежа на активни политички лобисти за интересите на Македонија и за вокализација на нашите позиции и аргументи. Како претседателка ќе работам активно на создавање на таква мрежа преку постојните дипломатско-конзуларни претставништва и преку редовни и чести средби со клучните европски чинители и присутност на важните настани. Клучно за успешна дипломатија и надворешна политика е градењето добри односи меѓу државите кои мора да се засноваат на заемна доверба и партнерски однос. Со цел унапредување на стратегиската соработка со меѓународната заедница, особено со земјите членки на ЕУ, ќе воспоставам редовна координација со амбасадите на земјите членки на ЕУ на која ќе ги дискутираме и заеднички ќе ги утврдуваме приоритетните области во кои можеме да сметаме на помош и поддршка од пријателските земји членки на ЕУ. Многу од нив и досега ни обезбедуваа финансиска, техничка и други видови помош во различни области. Но, најчесто процесот на дефинирање на приоритетите, како и на проектите, се одвива зад затворени врати и е предмет на политичко договарање, партиски калкулации и задоволување на коалициски интереси. Време е да се отвори тој процес и дискусијата за вистинските потреби на граѓаните да биде јавна и транспарентна, исто како и процесот на утврдување на стратегиските приоритети.
Во надворешната политика, двете глави на извршната власт, претседателот и Владата мора да настапуваат како хармоничен ДУЕТ, наместо да бидат во ДУЕЛ. Договорот се прави дома. Претседателот го персонифицира националното и државно единство секогаш и секаде.
Македонија и соседите
Односите на Македонија со соседите се важни заради иднината на државата без разлика на натамошниот тек на приближувањето и на зачленувањето на земјата во ЕУ. Земјите во регионот мора да имаат плодна економска соработка и нашиот регион мора да се развива со меѓусебно разбирање и почитување. Соседите треба да ги зајакнуваат културните врски, научната соработка и да се поврзуваат подобро преку нови патишта, железници и гранични премини. Заедно треба да се поддржуваме во патот кон Европската Унија, а нашите компании да се поврзуваат и да настапуваат како посилни на светските пазари. Малцинствата во сите земји треба да бидат мост за културна соработка, а не за поделби. Ќе иницирам средби на ниво на претседатели на земјите од Западниот Балкан кои не се членки на ЕУ, на кои би се разговарало за натамошните активности на планот на ЕУ-интеграциите и можноста од заеднички настап на тој план, но и на глобално поле, бидејќи се соочуваме со големи промени во светот.
Македонија и ЕУ
Како еден од основачите на Европското движење на Македонија во 90-тите години на минатиот век, потенцирам дека определбата за влез во ЕУ е определба не само на сите политички партии туку и на мнозинството на македонските граѓани. Нашата иднина е во Европската Унија, нашето семејство се европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности. Македонија заслужува полноправно членство во Европската Унија. Низ годините, Македонија беше исправена пред многу предизвици поврзани со интеграцијата во Европската Унија. Дел од нив целосно го променија системот и општеството на подобро, почнувајќи од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2000, па сѐ до денес. Во моментот се наоѓаме во сива зона. Преговорите со ЕУ се само отворени но не и започнати. По кандидатскиот статус на Македонија и десет последователни препораки за почеток на пристапните преговори, а имајќи ја предвид Одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристaпните преговори, донесена во март 2020 година заедно со ревидираната методолгија за преговори, ̶ во 2022 година се одржа Меѓувладината конференција со што формално се отворија пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ. Но, суштинските преговори не се започнати како резултат од катастрофално лошата политика на Владата во однос на условите што ни се наметнати за исполнување, пред да започнеме реално да преговараме со ЕУ. Врз основа на ревидираната методолгија за пристапни преговори во септември 2022 година се донеса актите за преговарачката структура и започна процесот на oперационализација на преговaрачката структура и јакнење на административните капацитети за водење на преговорите. Процесот оттогаш е во застој и е киднапиран на некој начин од владејачката коалиција која нема капацитет да направи исчекор во процесот. Структурата не е операционализирана и, сè уште, не се утврдени нашите преговарачки позиции.
Нашата иднина е несомнено во Европската Унија, нашето место е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности. Како претседателка на Република Македонија јас ќе работам видливо и посветено на остварувањето на овој приоритет за сите граѓани. Нам, освен реформи на системот и умот, ни се потребни и визија, лидерство и активна заложба со експертиза во самиот процес. Претседателот по функција е задолжен да ги потпише сите закони, вклучително и оние што поминуваат во Собранието со таканареченото европско знаменце. Токму тие закони се клучни за иднината на државата во ЕУ и можат да имаат далекосежни последици врз различните целни групи и граѓаните, воопшто. Ниту еден таков закон не смее да помине без широк општествен консензус кој во минатите години недостигаше. Сведоци сме на грубата злоупотреба на овој инструмент нотирана и од самата ЕУ. Европското знаменце се користи исклучиво за теснопартиски цели и интереси на мала група на луѓе од врвот на власта и никако не се поврзани со интеграцијата на Македонија во ЕУ. Пристапниот процес во ЕУ е многу подолгорочен, посеопфатен и позначаен од една Влада и нејзиниот мандат и тој не смее да биде заложник на популизмот, лоби-групите и теснопартиските интереси и пазарења. Дел од приоритетите кон кои ќе се насочам како претседателка на сите граѓани се: партнерски дијалог и соработка со институциите на ЕУ и земјите членки; поддршка за операционализација на преговарачката структура и ефикасно управување со процесот на претстојното градење преговарачки позиции; интензивирање соработка со граѓанскиот сектор, со универзитетите, синдикатите, стопанските комори и со сите општествени чинители во насока на интензивен, конструктивен и сеопфатен дијалог, како и вклучување во подготовките за преговори; зајакнување на капацитетите, примарно внатрешните, поради сложеноста на планирањето и управувањето со знаење и интелектуалните услуги што ги бара процесот на подготовка на Националната верзија на правото на ЕУ (acquis), но и на надворешните, поради правниот, стручниот и јазичниот аспект на процесот, поточно неговата интердисциплинарност; обезбедување методолошка и процедурална поддршка на преговарачките структури и техничка и информатичка поддршка на процесот на преговорите; зајакнување на регионалната соработка и дијалог со соседите.
Предлози за конкретни активности и проекти
Експертски тим во рамките на преговарачките структури за секое поглавје Како претседателка ќе го искористам правото да побарам вклучување на мој експертски тим во рамките на преговарачките структури за секој кластер, односно за секое поглавје во пристапните преговори. Мојот тим ќе има цел да ги обезбеди основните принципи на транспарентност, отчетност и отвореност кон граѓаните на пристапниот процес кој во моментов е целосно монополизиран од владината коалиција, подложен на нивните лични и бизнис-интереси и недостапен за граѓаните. Исто така, мојот тим ќе понуди и експертиза за секоја од областите, опфатени со преговорите.
Конкретни чекори кон европската интеграција
Во содејство со Владата ќе иницирам неколку постапки од кои првата е барање за итен влез во единствениот пазар. Покрај придобивките за македонската економија, македонските фирми и македонските институции, влезот најмногу ќе значи за нашите граѓани кои ќе ги уживаат сите придобивки на слободно движење, работа, студирање, патување и водење бизнис низ целиот европски економски простор. Втората точка каде што ќе се насочи македонската надворешна политика во делот на европската интеграција ќе биде иницијатива за итен пристап на Македонија до европските структурни и кохезивни фондови. На тој начин Македонија ќе започне одлучно да ја преобразува својата инфраструктура по европски модел, ќе се отворат фондови за институционален, професионален и личен развој, а и македонското општество ќе стекне знаење за апликација, управување и примена на европските проекти и европските фондови. Со визната либерализација Македонија покажа дека е предводник во реформите во регионот секогаш кога има јасна и опиплива цел. Последно, значаен дел од европската агенда се однесува и на усогласувањето со применетите политики и стандарди на Организацијата за економска соработка и развој. Досега Македонија соработува со ОЕЦД, во рамки на програмата Сигма, но јас ќе покренам иницијатива за проширување на кооперацијата во делот на реформата на државната администрација и јавниот сектор, даночната политика, проценка на квалитетите на образованието итн.
Ќе се борам за остварување на суштинска интеграција на земјата во Европската Унија.
Уставот, меѓународното право и Преспанскиот договор
Преспанскиот договор, заедно со уставните измени, беше донесен со кршење на националното право и е спорен во рамките на меѓународното право, посебно во врска со правото на самоопределување, принципот на еднаквост на државите, мешањето во внатрешните работи на суверена држава, а задирањето во идентитетот е и сериозна повреда на колективните и на индивидуалните човекови права на граѓаните на Македонија. Прашањето, сè уште, го сметам за правно и политички отворено.
Почитувајќи ја јасно изразената волја на македонските граѓани од септември 1991 година, како и од септември 2018 година, но и како граѓанин, во обраќањата до јавноста нема да ја користам придавката „северна“.
Прашањето на уставните амандмани
Како претседател ќе градам консензус со владата, но и со опозицијата во однос на ова прашање. Ќе комуницирам и со граѓаните и ќе го слушам нивното мислењето. Во процесот ќе ги имам предвид националните и државните интереси на Република Македонија, начелата на Уставот, заштитата на македонскиот идентитет и интегритет, како и темелните принципи и вредности на Европската Унија, Советот на Европа и пошироките принципи на меѓународното право. Поентата на европската интеграција е европеизација според копенхагенските критериуми.
Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка нема ниту еден дел за промена на Уставот на Република Македонија.
Безбедност, одбрана и НАТО
Вовед
Врвен приоритет на врховниот командант на АРМ и претседател на Советот за безбедност е да обезбеди стратегиски насоки за развојот и функционирање на системот за одбрана и безбедност на државата. Во остварување на одбранбената политика и интересите ќе бидам проактивна и ќе работам на зголемување на одбранбените способности и ресурси.
Македонија е кредибилна членка на НАТО
Како врховен командант на вооружените сили ќе работам на нивната способност за одговор на предизвиците на одбраната во XXI век. Воениот персонал заслужува поддршка со цел развивање висок морал, дисциплина и патриотизам, како важни вредности на квалитетното воено лидерство. Потребно е објективно вреднување на заслугите на воениот персонал, врз основа на јасни критериуми за кариерен напредок. Нужна е програма за реинтеграција на војниците во цивилната служба по завршувањето на нивната воена кариера. Јас ќе бидам заштитничка на стандардот на војникот, неговата благосостојба и статус во општеството.
Предлози за конкретни активности и проекти
Проактивна улога на Советот за безбедност
Проактивно ќе раководам со Советот за безбедност, кој на редовни седници и со формирани работни тела ќе расправа и ќе носи заклучоци за прашања од значење за безбедноста и одбраната заради доставување на предлози за Собранието и Владата. Во мојот мандат Советот за безбедност ќе има работни тела со стручни советници за три прашања кои сакам посебно во мојот мандат да се развиваат: одбрана на интернет; жени, мир и безбедност; загадувањето како закана на националната безбедност. Дополнително, ќе формирам работно тело во состав на Советот за безбедност со цел постојана комуникација на целиот безбедносен сектор, во периодот меѓу две седници на Советот за безбедност преку определените офицери за врска од институциите (МО, МВР, МНР, АР, АНБ, БЈБ, ЦУК итн. ). Покрај подготовката на седниците на Советот, ова тело ќе биде одговорно и за изработка на: месечен брифинг за претседателот на Републиката, како и други анализи по порачка од шефот на државата.
Центар за извонредност за жени, мир и безбедност
Иако има Стратегија за спроведување на Конвенцијата на ОOН 1325, акциските планови на националните институции не се доразвиени. Земјата и регионот, воопшто, има многу малку истражувања, свест и знаење, како и практики за жени, мир и безбедност. Сите теоретски и практични искуства покажуваат дека земјите што имаат вклучено жени во своите безбедносни и одбранбени системи се стабилни и имаат најмал ризик за воен конфликт. Поради тоа, во мојот мандат со основање на регионален Центар за извонредност за жени, мир и безбедност во соработка со НАТО ќе работам на промоција на жените во безбедноста и одбраната во Македонија и во регионот.
Промоција на воени лидери и команданти
Одржувањето на високиот морал, дисциплината и чувството за патриотизам се основни елементи за изградба на воени лидери, чија стручност и посветеност за решавање на проблеми се повеќе од потребни за предизвиците со кои се соочуваме сега и во иднината. Притоа ќе работам на јасно прецизирање на условите за промоција во АРМ, како и обезбедување на тренинзи и обуки за реинтеграција на војниците во цивилната служба.
Воено аташе
Во соработка со Владата ќе се заложам во клучните македонски дипломатско-конзуларни претставништва да се доекипираат и со воено аташе. Глобалните закани повлекуваат потреба од секојдневна глобална координација, како со партнерите на Македонија од НАТО и од ЕУ, така и со останатите глобални чинители. Воедно, ќе ги поттикнувам и другите институции од сферата на националната безбедност да испраќаат свое аташе во амбасадите и мисиите од стратегиско значење за Македонија.
Управување со кризи предизвикани со климатските промени
Како претседателка ќе го наметнувам ова прашање на седниците на Советот за безбедност. Ова е сериозно прашање за земјата кое, за жал, се актуелизира од процесот на климатските промени. Ризикот од поплави, суши и пожари, оркански ветрови и бури се зголемува и треба адекватно да го превенираме.
Поттикнување на учеството на Македонија во политичките, воените и полициските мисии на ЕУ низ светот
Македонија мора да биде полноправен учесник во безбедносната димензија на Европската Унија. Во соработка со Владата на Република Македонија ќе инсистирам до крајот на мојот мандат, македонските професионалци да бидат дел од сите глобални мисии на ЕУ, во согласност со можностите на македонскиот систем. Постојаната ротација на македонските дипломати, војници и полицајци низ европскиот систем ќе овоможи нивна социјализација со партнерските европски служби, ќе ги забрза внатрешните реформи во системот и ќе овозможи поголема видливост на Македонија во европските институции. Исто така, Македонија на овој начин ќе даде и сигнал дека е подготвена да го преземе и својот дел од одговорноста во европската заедничка надворешна и безбедносна политика.
Дипломатија
Вовед
Република Македонија, како мала земја со релативно ограничени ресурси што може да ги стави во функција на дипломатската служба, мора да внимава тие ресурси да обезбедат максимална полза при застапувањето на државата и нејзините интереси. Компетентна и професионална дипломатска служба која достојно ќе ја претставува земјата, е апсолутниот приоритет во мојот мандат како претседателка. Дипломатската професија не е наградно патување за заслужни партиски кадри, туку лицето и гласот на државата и е од витално значење тие да бидат вистински професионалци, да имаат знаење и вештини, како и искуство во полето на воспоставување соработка со меѓународни организации и со други држави. Во таа смисла, мора да им се даде шанса на најспособните и најквалитетните кадри да ја претставуваат државата, со нулта толеранција за непотизам, партиски и други влијанија во дипломатијата. Моето залагање во ова поле ќе биде целосна професионализација на дипломатската служба, да се обезбеди соодветно образование и тренинг, услови за развој и размена, како и зголемување на присуството и активностите на нашите дипломати во меѓународните организации. Потребно е стратегиски да се таргетираат земјите кои ни се важни по различна основа (политичка тежина, економска соработка, дијаспора итн.) и да се реорганизираат мрежата и активностите на дипломатско-конзуларните претставништва низ светот. Високите дипломатски позиции во нашите амбасади во Советот на Европа, ЕУ, САД, ОН, ОБСЕ и НАТО, не смеат да бидат без претставници од највисоко ниво, односно без амбасадори. Амбасадите и мисиите во државите каде што имаме стратегиски интереси, треба да ги предводат кариерни дипломати и државни службеници кои голем дел од својот работен век го поминале во подготовка за една ваква позиција. Како претседателка, ќе се залагам за координација и единство на полето на надворешната политика во државниот врв и институциите, зашто само така можеме позитивно да влијаеме врз развивањето добри односи и врз обезбедувањето добар меѓународен имиџ. Дипломатијата е клучна алатка за малите земји. Ние немаме никаков простор за грешка во играта на меѓународната сцена. Секој влог во дипломатијата се враќа неколкукратно за земјата. Една дипломатија е онолку моќна колку што е вкоренета и вмрежена во општеството. Нужно е македонската дипломатија да се отвори и кон академската заедница и кон другите институции во склопот на македонската влада, како и кон невладиниот сектор, бизнис-заедницата и другите чинители од македонското општество. Мора да проработи повратната спрега меѓу општеството и дипломатијата, со цел полесно да се проектираат македонските државни и национални интереси низ светот.
Предлози за конкретни активности и проекти:
Интегритет во регрутација и номинација
Ова е проект за целосна професионализација на македонската дипломатска служба. Ќе се залагам за издвојување на Дипломатската академија, како посебна институција во рамките на МНР, со директор од рангот на кариерен амбасадор. Академијата треба да биде замислена како партнерство меѓу МНР и сите универзитети. Влезот во МНР ќе се обезбеди исклучиво преку влез во академијата, по пат на ригорозен испит за дипломатска служба, како и сите напредувања во кариерата, a во редовите на македонската дипломатија ќе влегуваат првопласираните кандидати. Академијата ќе овозможи професионализација и усовршување на целокупниот дипломатски кор. Ќе инсистирам да се донесе посебен закон за дипломатската академија каде што јасно ќе се допрецизираат критериумите за напредување во службата, како и посебниот советнички испит за влез во повисоките дипломатски звања и посебниот испит за највисокото дипломатско звање министер советник, од каде што исклучиво ќе се црпат кадрите за кариерни амбасадори. МНР ќе биде задолжено секоја година да доставува список со професионални дипломати, во рангот на министерсоветник, од коишто ќе се избираат амбасадорите. Овој список ќе биде јавно објавуван на веб-страницата на претседателот на Републиката. Дипломатите кои нема да ја извршуваат функцијата во согласност со Уставот и законите, ̶ ќе бидат отповикувани.
Влез на македонските дипломати и општественици во меѓународните организации
Како претседателка на Републиката преземам обврска за вклучување на македонските дипломати и на македонските експерти во регионалните, европските и мултилатераните организации. Советот за надворешна политика на претседателот на Републиката ќе биде задолжен да ги анализира интересите на Македонија за влез во меѓународните организации, ќе спроведува интервјуа и ќе предлага решенија. Потоа, МНР, во соработка со Кабинетот на претседателот ќе води активна кампања за македонските дипломати и македонските општественици коишто ќе влезат во трка за позиции во меѓународните организации. Исто така, ќе се заложам МНР да формира посебен центар за следење на нивната работа, помош и брифирање од матицата. За малите земји, како Македонија, овој принцип овозможува влез во меѓународните тела и следење на сите глобални трендови, како и многу поголема видливост во глобалните дипломатски коридори. Едно драматично преобмислување на оваа тематика може да роди една нова македонска мултилатерална дипломатија, со јасно осмислена стратегија, концепт и цели. Во МНР постои капацитет за да се влезе во еден ваков проект што би ја довел Македонија во една сосема нова димензија на нејзината глобална дипломатска активност. Дипломатијата е чувар на државниот печат и носител на државната меморија на Македонија. Време е глобализираната македонска нација да се стекне и со глобална дипломатија, способна за дипломатска акција на секоја точка на планетата.
Професионализација и родова рамноправност во дипломатската служба
Во мојот мандат ќе поттикнам дебата за доследно применување на Законот за надворешни работи со цел да се регулира дека најмалку 2/3 од вкупниот број на дипломати да бидат дипломати од кариера, а останатите да бидат назначени од редот на т.н. политички дипломати. Моменталното законско решение овозможува во дипломатската мрежа да доминираат „политички назначените дипломати“. Целиме кон унапредување на професионалноста на дипломатската служба. Конечно, ќе се залагам за правична застапеност по сите основи, етничка, полова, религиозна, и секако во однос на лицата со посебни потреби.
Конзуларна заштита низ светот
Македонија веќе одамна е глобализирана нација, членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, вмрежена во светската економија и, од скоро, извозник низ Земјината топка. Осумдесет години по воспоставувањето на македонската државност и 33 години по македонската независност, македонската дипломатија мора самоуверено да зачекори во новата глобална реалност. Нужно е да се направи функционална анализа на македонската дипломатска мрежа, но и да се осигура дека Македонија ќе има свои дипломатско-конзуларни претставништва на сите клучни точки каде што се кројат економијата, политиката и културата на глобално ниво. Од тие причини, потребите на македонската држава, но и на македонските граѓани и компании, бараат македонската дипломатија да го брани државниот интерес низ светот. Оттука, ќе иницирам трансформација на македонската конзуларна служба. МНР ќе ја канализира работата на сите конзулати во еден координативен конзуларен центар во Скопје, каде што ќе се слеваат сите информации и каде што ќе се следи остварувањето на правата на граѓаните. Во денешно време се променети навиките на македонските граѓани, па македонската дипломатска служба мора будно да се грижи за нивниот живот, здравје и благосостојба на која било точка од Земјината топка. Измина времето на ригидни бирократски системи, бесчувствителни кон потребите на граѓанинот и насочени единствено кон заштита на службеникот. Време е за една македонска конзуларна служба, скроена според потребите на државјанинот, услужно ориентирана кон граѓанинот како краен корисник и насочена кон исполнувањето на неговите барања.
Кампања за лобирање за непостојан член во Советот за безбедност
Македонија, сè уште, не била непостојана членка на Советот за безбедност. Во текот на мојот мандат, ќе започнам со дизајнирање на сеопфатна стратегија и кампања за лобирање која ќе обезбеди поддршка на апликацијата на Македонија за таа да стане непостојана земја членка на Советот за безбедност.
Јавна дипломатија
Во ера на глобална поврзаност и постојан технолошки напредок, Македонија мора да ги искористи сите средства кои ѝ се на располагање за да се промовира, да си создаде пријатели и да ги заштити и да ги унапреди своите интереси. Во таа смисла, ќе развијам стратегија за јавна дипломатија која ќе биде иновативна, штедлива и прагматична. Притоа, таа нема да се заснова на скапи и гломазни традиционалини пристапи, туку ќе допира до граѓаните на другите држави директно и непосредно. Таа директна размена на информации ќе придонесе за популаризација на земјата и градење на позитивен имиџ. Овој мој концепт на јавна дипломатија ќе биде двонасочен. Преку дијалог и размена на искуства за Македонија ќе ги освоиме умот и срцата на луѓето во другите земји, односно ќе ја промовираме земјата во различни полиња: култура, кулинарство, историја, традиција, туризам, наука, спорт и сл.
Во полза на јавната дипломатија предлагам и да организираме:
Скопје форум – меѓународен форум на високо ниво за меѓународна политика и евроинтеграции. Во соработка со ЕУ, Форумот ќе третира актуелни и современи теми и ќе ги собира најголемите авторитети од меѓународната политика и право.
Охридски безбедносен самит ̶ заради одговор на современите регионални безбедносни предизвици, во соработка со Владата, академската и тинк-тенк заедница, и медиумите, ќе започнам со организација на годишна конференција од сферата на безбедноста, со акцент на Балканот и на поширокиот регион. Во соработка со НАТО, на конференцијата ќе земаат учество: политичари, дипломати, офицери, професионалци од сферата на јавната безбедност, полицијата, разузнавањето, но и еминентни истражувачи од овие области. На тој начин ќе ја промовирам соработката во превентивата и размената на информации и знаења како основна алатка за справување со безбедносните закани кои нè засегаат сите.
Плаошник форум
Во насока на јакнење на културниот туризам ќе иницирам организирање на форум каде што би се дискутирало за соработка и за дијалогот на цивилизациите, религиите и културите. Би соработувале со УНЕСКО и Министерството за култура.
Животна средина
Вовед
Животната средина има најголемо значење за квалитетот на живот. Затоа, загадувањето на животната средина ќе го третирам како безбедносно прашање. Тоа влијае врз квалитетот на воздухот, водата, почвата; а со тоа директно ги загрозува нашето здравје и живот. Нѐ прави небезбедни подеднакво како што нè прави небезбедни при воен напад или непогода. Бидејќи безбедноста е во надлежност на претседателот, планирам во Советот на безбедност да формирам работно тело за загадувањето како безбедносна закана. Во таа смисла ќе поведам широка дискусија околу:
• Амандмански измени за намалување на високиот праг загадување од 200 мг/м3 на 40 мг/м3 дозволена гранична вредност, според европските стандарди;
• Амандмански измени за прагот на информирање за ПМ10-честичките да биде 50 микрограми на метар кубен, а никако повисок од 75 микрограми на микрограми на метар кубен, два дена последователно;
• Амандмански измени за прагот на алармирање да биде поставен на 50 микрограми на метар кубен;
• Амандмански измени за граничните вредности за нивоата на загадување на воздухот и изедначување со тие во Европската Унија: дневната граница на присутност на ПМ10 честичките да не биде поголема од 40 микрограми на метар кубен;
Заштитничка на најранливите категории на граѓаните
Однос кон ромската заедница
И покрај напредокот, статусот, односно состојбата на ромската заедница во Македонија, е на едно ниско ниво. Невработеноста, посебно кај жените Ромки, проблемите со сегрегацијата и реинтеграцијата, како и осипувањето на децата Роми во основните училишта, дискриминацијата и нееднаквиот третман од страна на здравствените работници и здравјето на жените, неопфатеноста на ромските населби во урбанистичките планови, се само дел од проблемите со кои се соочуваат припадниците на оваа заедница. Иако државата располага со институционален капацитет, често недостига човечки и финансиски капацитет за да се спроведуваат конкретни политики за Ромите. Поздравувајќи ги иницијативите на надворешни, меѓународни организации и донатори, сметам дека осмислувањето, спроведувањето и финансирањето на политиките за Ромите треба да биде, главно, домашна агенда. Во делот на јавни политики ќе давам силна поддршка за спроведување на Стратегијата за Ромите 2022 – 2030 и на националните акциски планови.
Проект: Годишна конференција за стратегијата за Роми
Во соработка со Владата, академската и тинк-тенк заедницата, ромските здруженија и сите засегнати страни, еднаш годишно, ќе организирам конференција во која релевантните актери ќе дискутираат за спроведените активности за ромска инклузија во однос на стратегијата за Роми.
Однос кон лицата со попреченост
Лицата со попреченост се дел од нашето општество. Како претседателка ќе ја развивам Македонија како држава во која сите лица со попреченост ќе учествуваат како еднакви граѓани. Ќе работам на подигнување на јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат тие. Во односите со Владата, високо на политичката агенда, ќе го поставувам прашањето на лицата со попреченост. Во таа смисла ќе ја афирмирам Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп на локално ниво. Во соработка со здруженија од оваа област ќе се фокусирам на спроведување на процесот на деинституционализација.
Претседателка пријател на младите
Моја цел е зајакнување на младите – нивно признавање како клучни партнери во обликувањето на иднината на Републиката. Младите не се само субјекти на политиката, туку вредни придонесувачи со способност да влијаат врз позитивните промени. Тие треба да се информирани, ангажирани и проактивни граѓани, подготвени да преземат лидерски улоги и да придонесат за развојот на нацијата и на националната и на меѓународната сцена. Посветена сум не само да ги слушам младите туку и да работам тие активно да се вклучат во управувањето и во идното планирање на Републиката, со што ќе се осигури дека земјава расте и се развива на начин што ги одразува аспирациите и потенцијалот на сите нејзини граѓани.
Воведување на позиција во Кабинетот – советник за млади
Советникот за млади, претставува одговорно лице во Кабинетот на претседателот кој ќе раководи со новоформираниот Совет за млади под покровителство на претседателот и партнери (меѓународни организации, амбасади, младински организации).
Формирање Форум за млади под покровителство на претседателот
Ќе промовирам Претседателски форум за млади со цел консултации за прашања и јавни политики кои се битни за младите, како и за организирање заеднички настани. Со обезбедување структурирана платформа за да се слушнат нивните гласови, Форумот ќе се стреми да поттикне поинклузивна, динамична и прогресивна политичка средина. Форумот би работел на реализација на активности во повеќе области, како, на пример, образование, култура, технологија, спорт итн. Целите би биле да се подобри квалитетот на образованието за сите млади луѓе во Републиката, промовирање на културната разновидност, да се поттикнат иновациите и да се подобрат технолошките вештини, да се развие спортот, тимската работа и дисциплината кај младите. Иницијативи кои би биле релевантни да се развијат од Форумот би биле: оживување на традиционалните уметности и занаети, обука за дигитални вештини, национална младинска олимпијада, обука за дипломатија и меѓународни односи, развивање програми за поддршка на студенти од неразвиени средини, промоција на интеграцијата во Европската Унија и слично.
Практикантство
Конечно, во мојот кабинет можност за практикантство ќе им се даде на најдобрите млади луѓе кои така ќе може да се стекнат со важно кариерно искуство.
Амбасадори на добра волја
Младите и успешните се најубавиот амбасадор на една држава. Ќе промовирам т.н. амбасадори на добра волја од редот на наши млади професионалци од земјава и од целиот свет, кои имаат или градат успешни кариери во меѓународната економија, политиката, меѓународните односи и науката.
Меѓународна школа за лидери
Имам визија мојот мандат да доведе до општествена трансформација. Ќе ја продолжам веќе воспоставената традиција на претседателски школи за лидери, со визија за потребите на лидерите на утрешнината во сите области ̶ политиката, бизнисот, културата, дипломатијата, образованието, невладиниот сектор итн.
Македонија и дијаспората
Вовед
Македонија е позната печалбарска земја. Голем број наши сонародници со децении наназад своето уточиште како бегство од немаштија го барале надвор од Македонија. Иселувањето од Македонија е особено интензивирано во последниве 15-ина години, а во дијаспората, распослана на три континенти веќе се раѓа трета или четврта генерација Македонци кои имаат слаби или, речиси, никакви контакти со татковината. Сепак македонската дијаспора е столб на татковината во секоја смисла. Таа е релативно голема во однос на граѓаните кои живеат во Република Македонија. Нашата економска состојба е директно поврзана со активностите на дијаспората. Тоа се луѓе кои си отишле од Македонија, најчесто не затоа што сакале, туку затоа што морале. Голем дел од нив сакаат во некоја фаза од животот да се вратат во Македонија и да започнат свој бизнис тука. Свесна дека огромен дел од нашиот БДП се токму дотации од нашинците во странство, ќе иницирам активна соработка со македонската дијаспора со цел пронаоѓање на модел и посебни услови со кои ќе се овозможат нивни инвестиции, пренос на знаење и вештини во Македонија. Без разлика на нивното етничко потекло, познавања на јазикот, односно јазиците и семејните врски со Републиката, неопходно е да развиеме посебен однос со луѓето од дијаспората. Ни треба модел и посебни услови со кои ќе се овозможат прилив на нивни инвестиции, пренос на нивните знаења и вештини во Македонија. Дијаспората е наш дипломатски ресурс. Преку неа постои можност за засилување на односите на нашата со државите во кои дијаспората е побројна. Со оглед на сринатоста на земјава, ќе се заложам за негување и продлабочување на врските на иселениците со Македонија и мотивирање за нивно враќање назад во Македонија.
Предлози за конкретни активности и проекти:
Национален совет за соработка со дијаспората
Ќе предложам создавање Национален совет за соработка со дијаспората кој ќе работи врз продлабочувањето на врските со дијаспората во потрага по најдобри решенија за нејзино зголемено вклучување во стратегискиот развој на Македонија. Проектот ќе има цел да ги поттикне и да ги олесни врските меѓу дијаспората и Македонија, создавајќи организирана заедница која е мотивирана за соработка и размена на идеи, бизнис-можности и инвестиции. Со помош на оваа иницијатива, се стремиме кон заеднички успех и кон изградба на трајни врски со Македонците низ светот.
Македонски бизнис хаб
Претседателот ќе биде покровител на идејата за креирање на таканаречен виртуелен бизнис хаб за претприемачи и инвеститори од дијаспората. Хабот ќе обезбедува бизнис поддршка, правен совет, инфраструктура и менторство.
Годишна меѓународна конференција и инвестициски форум
Ќе бидам покровител на годишна меѓународна конференција за улогата на дијаспората во развојот на Македонија. Заедно со Владата и со здруженијата од дијаспората, каде што ќе се обидеме да направиме врска меѓу граѓаните, бизнисот, образовните институции со дијаспората во продуктивна смисла, ориентирани кон потпомагање на развојот на земјата.
Култура
Вовед
Сметам дека македонската култура заедно со македонското поднебје (почва, клима и природни убавини) е, веројатно, најавтентичното и највредно нешто што го има Македонија, достојно за почит и препознавање во светот. Културата обединува, но истовремено преку културата се развива почит кон културната разноликост, нешто што е основа за развој на демократско општество со цврсти темелни вредности. Македонија е земја која изобилува со древно културно наследство што сведочи за вековен културен континуитет со специфична традиционална култура зачувана кај сите етнички заедници. Препознавајќи ја културата како исклучително важен индикатор за здраво општество, мојата континуирана заложба ќе биде нејзина промоција и афирмација преку поддршка на настани од областа на националната и на јавната култура. Ќе ја зголемам поддршката на важни културни манифестации кои традиционално го имаат покровителството на претседателот на државата и ќе ги поддржувам сите форми на културна експресија кај младите, со посебна заложба за обезбедување услови за нивно творење.
Истовремено, препознавајќи ги културата и културното наследство како симбол на националниот идентитет, но и како силна дипломатска алатка во светот како поле за културен натпревар меѓу народите, ќе ја зајакнам промоцијата и афирмацијата на Македонија како земја каде што културното и природното наследство се надополнуваат и ја создаваат сликата на Охрид, Матка, Широк сокак, Кокино, Шарена џамија и Старата скопска чаршија, препознаени во целиот свет. Ќе го вложам својот авторитет и интегритет во доследно имплементирање на меѓународните препораки и мерки во однос на заштитата и зачувувањето на македонското културно наследство и богатство, особено во заштитата на културното и природното наследство на Охрид и Охридскиот регион.
Културната дипломатија ќе биде нераскинлив дел од меѓународната дејност бидејќи почитувањето на културните експресии и нивната разноликост е едно од најважните човекови начела. Во меѓународните односи културата, во својата материјална и нематеријална форма, ќе биде постојано дел од презентацијата на Македонија. Затоа ќе иницирам мерки со кои ќе се создадат услови за културна размена како дел од дипломатските односи, развој на македонските културни центри во странство и соодветна презентација на македонските културни вредности во светските музеи и на најголемите уметнички сцени.
Однос кон македонскиот јазик
Сведоци сме за намалување на значењето на службената употреба на македонскиот јазик во Република Македонија и негово омаловажување. Исто така, се појавуваат форми на употреба на т.н. северномакедонски јазик кој не постои. Затоа треба да се инсистира на примарноста на македонскиот јазик во службената и во државната комуникација на сите нивоа од локалната самоуправа до Владата и Собранието и останатите институции, како и во образованието. Не може на штета на македонскиот јазик да се унапредуваат другите јазици. Почитта е двонасочна. Примарноста на употребата на македонскиот јазик не значи негирање или омаловажување на другите јазици во РМ. Зајакнувањето и почитувањето на македонскиот јазик дома го намалува просторот за употреба на т.н. северномакедонски јазик. Ќе инсистирам на стриктна примена на Законот за македонскиот јазик.
80 години државност 1944 ̶ 2024
Ревитализација на принципите на АСНОМ преку низа јавни настани во соработка со Владата, МАНУ, медиумите, тинк-тенк и академската заедница за да се одбележи повторно воспоставената државност на Македонија во манастирот Свети Прохор Пчињски на 2 Август 1944 година.
Поттикнување развој преку наука, дигитализација и развој на човечки капацитети
Вовед
Во модерниот свет во кој живееме ни е потребно вложувањето во знаење и технологија, како и подобрување на националната иновативност и развој. Знаењето е посебно важно бидејќи Македонија се наоѓа во мошне турболентен регион каде што се судираат интересите на големите и на регионалните сили, а сето тоа е засилено со големата економска и социјална криза. Дигиталната трансформација го опфаќа процесот на користење на дигиталните технологии за креирање нови или промена на постоечки деловни процеси, производи, услуги и искуства на корисниците. Тоа води кон подобрување на ефикасноста, продуктивноста, иновативноста и конкурентноста во различни области во општеството. За таа цел, државата треба да усвои сеопфатен пристап кон дигиталната трансформација, преку имплементација на прецизна национална дигитална стратегија, во согласност со дигиталната агенда на ЕУ и целите за одржлив развој; подобрување на дигиталната писменост и вештините на населението; инвестиции во надградба на дигиталната инфраструктура; подобрување на електронските јавни услуги; развој на иновативниот и претприемачкиот екосистем; соработка меѓу различните засегнати страни преку платформи за споделување на најдобрите практики.
Исто така, развојот на вештачката интелигенција нуди огромни потенцијали преку креирање и примена на системи и решенија за вештачка интелигенција во различни сектори и цели. За развојот на вештачката интелигенција е неопходна комбинација од технички, човечки и институционални фактори. За таа цел, државата треба да инвестира во привлекување на таленти и подобрување на образованиот систем и обуки за вештини за вештачка интелигенција; инвестиции и надградба на инфраструктурата и ресурсите за развој на вештачката интелигенција; зголемување на финансирањето на развојот, истражувањата и иновациите за вештачка интелигенција; како и имплементација на регулативи за вештачка интелигенција, обезбедување на етичност и отчетност на вештачката интелигенција и засегнатите страни во општеството.
Предлози за конкретни активности и проекти:
Истражувачки центар за млади, талентирани ученици
Во соработка со институции како МАНУ, бизнис-заедницата С(ц)иеста и Министерството за образование, ќе иницирам создавање истражувачки центар за млади, талентирани ученици. Во Центарот со помош на курсеви, семинари, научни кампови, летни и зимски школи и работилници, со предавања на научни работници и истражувачи од земјава и од странство, талентираните ученици од средните училишта на возраст од 15 до 19 години ќе ги продлабочуваат своите знаења во низа области, од физика, хемија, психологија, биологија, до фотографија, дизајн, програмирањe и кодирање, па сè до маркетинг, јавно говорење и истражувања и пишување на аналитички текстови. Учесниците ќе се поттикнат да размислуваат слободно и креативно, логички и критички.
Доделување плакета Научник на годината
Македонската наука е во криза која трае подолго време. Поголемиот дел од научниците, без разлика на нивната област, се незадоволни од третманот од страна на државата. Тие, од друга страна, не се доволно активни. Во таа насока на предлог на посебна Комисија ќе доделувам плакета „Научник на годината“ за најуспешниот или за најуспешните научници. Со тоа ќе се покаже интерес од страна на државата, но и научникот ќе добие поттик за натамошна работа.
Финансиска инклузивност за бизнисите на Македонија
Во моментов имаме финансиска и бизнис-дискриминација на македонски бизниси на меѓународен план поради немање пристап до СЕПА (SEPA), односно можност за банкарски трансакции во реално време. За жал, дигиталните бизниси немаат можност за учество во современите финансиски текови бидејќи немаат никаков пристап до интернационални платежни процесори и не можат да ги наплаќаат преку интернет своите производи и услуги во странски валути, како, на пр., во американски долари и во евра. Македонските бизниси немаат можност за примање на интернет-плаќање преку т.н. платежни процесори како Stripe, PayPal, Mollie, Square, Adyen. Пејпал е доминантен платежен процесор со 54,33% пазарно учество. Mакедонските граѓани ја имаат таа можност да плаќаат преку Пејпал, но не и за Пејпал-бизнис, односно да примаат средства користејќи ги нивните услуги. Во содејство со Владата ветувам проактивен пристап со користење на дипломатските посети на земји и финансиски институции за залагање за подобрена финансиска инклузивност за бизнисите на Македонија. Во дијалог со меѓународни организации ќе инсистирам на поддршка за интеграцијата на нашите бизниси во глобалните финансиски системи. Успехот ќе значи позитивно влијание врз буџетот, засилената меѓународна трговија ќе придонесува за дополнителни приходи во националниот буџет и намалување на сивата економија. Исто така, ако домашните бизниси имаат пристап и инклузивност во меѓународните трансакции, ќе се поттикне извозот, зголемувајќи го економскиот раст. Давањето приоритет на дигиталните решенија ќе го спречи одливот на мозоци, нудејќи им на нашите граѓани економски можности дома наместо да ги бараат во странство.
Дигитален регистар на најуспешните
Во соработка со Владата, со организациите на дијаспората, со МАНУ и со академската заедница ќе иницирам создавање на таканаречен Регистар на најуспешните, во кој ќе бидат запишани успешни граѓани во своите професии, државјани на Република Македонија во странство, како и претставници на дијаспората од второ и трето колено, како што се, на пример: светски познатиот гастроном Рене Реџепи, Крис Павловски кој е основач и сопственик на Рамбл итн. Регистарот ќе служи за вмрежување, соработка и размена на идеи. При моите посети ќе ги контактирам лицата од Регистарот.