27.11.2024

Петрушевски: Поднесените амандмани од опозицијата се доказ за нивната лицемерност и тотална негрижа во изминатите седум години

Не е спорно овде како што велите совршеноста на буџетот којшто го скроила Владата, спорно е тоа што имаме амандмани коишто во најголем дел или веќе се со отпочната реализација или е обезбедена финансиската конструкција за реализација на тие проекти, вели Бране Петрушевски, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на неговото вечерно гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма. Во емисијата во која меѓу другото се дебатираше и за актуелното прашање поврзано со досегашните амандмански расправи за државниот буџет и народните пари.

Во овој контекст, тој потсетува на неколку амандмани кои до сега ги поднела опозицијата, а се неиздржани како што се амандманот за купување на автобуси, а веќе претходно Владата имаше најава за набавка на 120 автобуси, понатаму амандман за награда на припадници на АРМ кои учествувале во гаснењето на пожарите кое е исто така реализирано и за многу други проекти кои се веќе отпочнати и се во фаза на реализација.

„Ова што го говорам го поткрепувам со тоа што веќе опозицијата повлече над 30, скоро 40 амандмани од амандманската расправа, сама ги повлече затоа што увидоа самите за каков квалитет на амандманите се работи. Ова се само популистички амандмани коишто се направени набрзина колку да се обидат да ете, придобијат некаков политички поен или некаков глас“, прецизен е Петрушевски.

Според него освен квалитетот на самите амандмани, истовремено е спорен и кредибилитетот на поднесувачите на истите, во смисла на тоа дека моментално во рамките на пратеничките групи на опозицијата, пред сè на СДС, седат во најголем дел бивши министри за коишто поднесените амандмани не се ништо ново, никаква креативна идеја.

„Тоа се амандмани коишто се на маса со години наназад и ја имале целата можност во изминатите седум години да ги реализираат тие проекти. Тука се поставува прашањето и за лицемерноста на опозицијата во делот на поднесувањето на такви амандмани затоа што кога ја имале можноста да го кројат буџетот, кога ги имале сите ресурси во свои раце, зошто тогаш не ја покажале грижата за тие проекти, па да отпочнат со реализација“, заклучува Петрушевски.