02.04.2024

Петрушевски: Очекувам двојна победа на изборите, од Пендаровски видовме само менување на ставови, Силјановска Давкова покажува дека може поинаку

Не многу видовме од Пендаровски освен потпишување на указ за Кривичен закон и менување на ставови на дневна основа, еднаш една изјава, а потоа друга изјава. Што се однесува до професорката Гордана Силјановска Давкова таа во изминатиот 4 годишен мандат во Собранието покажа дека политичар може да функционира различно во политиката, дека со интелектуалниот капацитет, знаењето и искуството да придонесе многу, изјави пратеникот Бране Петрушевски за „Само вистина“ на Канал 5.

Петрушевски истакна дека Силјановска Давкова е еден од најактивните пратеници има свој став, знае да го презентира и начинот на кој се презентира дава за право да граѓаните да очекуваат нешто поразлично кога ќе ја извршува функцијата претседател, како и тоа дека таа како професор по уставно право добро ги познава работите.

Тој воедно додаде дека ВМРО-ДПМНЕ очекува двојна победа и на претседателските и на парламентарните избори, а потоа да се започне со реализација на програмата Платформа 1198.

– Во нашата програма Платформа 1198 покрај една изборна единица планираме намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, планираме укинување на концептот на заменик директор, намалување на управни и надзорни одбори, спојување на одредени институции и агенции со слична надлежност и реорганизација на министерствата затоа што овој концепт на влада е застарен. 

Во однос на балансерот Петрушевски истакна истиот создава тензии и време е во институциите да работат најдобрите. 

– Ние планираме укинување на алатката балансер како начин за вработување, истакнуваме дека ќе се почитува уставното начело за правична застапеност но да се тргне оваа алатка. Се предизвикува етничка тензија во тие проценти, не може да имам реален процент, балансерот зависи од тие проценти. Она што е наша идеја е да се врати принципот најдобрите и најспремните да ги имаме во институциите, изјави Петрушевски.