Ние имаме историски ревизионизам преку комисијата за историски прашања. Пред некој ден сите бевме сведоци дека се бара прифаќање на бугарското потекло на Охридската Архиепископија и дека произлегла од бугарската држава. Бугарија има механизам да не притисне нас, а тоа е блокада на некое поглавје, тоа е проблемот кој го кажуваме. Не постои друга земја која ги негира македонскиот, јазик, идентитет, јазик и култура и не постои друг пратеник кој дојде во Македонија да каже дека сме еден народ, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски за „Анализа“ на ТВ24.
Петрушевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ бара да ги постигнеме Копенхашките критериуми, да усогласиме поглавјата, да работиме на европската агенда и перспектива, а не целиот процес да се заснова дали ќе и удоволиме на Бугарија или нема.
– Сите анкети покажуваат дека Македонците се уморни од компромиси, почнувајќи од привремената референца, промената на знамето, промената на името, Охридски договор, Преспански договор, сите овие работи народот ги перцепира дека одат на негова штета се во име на подобар живот и европската агенда која никако не доаѓа, потенцира тој.
Во врска со барањето за Бугарите во Уставот, Петрушевски истакна дека тука нема реципроцитет, ако бара Бугарија таква работа од нас, треба да направи и таму одреден чекор.
Нашиот Устав и ваков е граѓански и Бугарите немаат никакви проблеми, рече Петрушевски.
Во врска со реформите, тој додаде дека не треба некој од страна да ни реформира правосуден систем, тоа е наша задача, не може некој од страна да ни реформира јавна администрација, тоа е наша задача како општество.
Ако гледаме што се се случи, какви афери излегоа само последнава недела дена, имаме проблеми со Академија за судии и обвинители, видовме како се избра јавен обвинител и какви реакции предизвика тоа во меѓународната заедница, ако сакате кај американската амбасада, изјави Петрушевски.
Петрушевски посочи дека во таа насока се бираат уставни судии во Собрание, буквално надвор од деловник, Устав и закони и тоа не е европски проблем, и Европа да ни го реши, тоа е наш проблем и додаде дека во меѓувреме секојдневно гледаме разни афери на власта
– Наша задача се економските реформи, правосудство, јавна администрација, борба против корупција. Секојдневно гледаме разни афери ја тресат Македонија, од тендери, до вработување на блиски, до високи криминали кои ги гледаме како 215 пасоши за криминалци. На судење во Србија се кажа како за 30.000 евра некој давал пасош на тие криминалци. Скандалот со Онишченко. Нема дел каде не е труло. За тоа не ни е виновна ЕУ, СДСМ е шеста година на власт и не убедува дека се ќе се реши ако сме се обезличеле, истакна Петрушевски.
Тој посочи дека ние имаме влада без кичма, што и да им побараат тие испорачуваат и во исто време луѓето си одат од државата затоа што овде има криминал, корупција, невладеење на право и тоа е задача која не е завршена како држава, рече Петрушевски.