28.11.2024

Петкоска: 365 дена без престан се залагаме за борбата против насилството врз жените

Во емисијата „24 анализа“ на телевизија 24 гостуваше пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Лидија Петкоска, на која се дебатираше за борбата против родово базираното насилство, за одбележување на 16 дена активизам за насилство врз жените и семејното насилство, со тоа што таа објасни кои чекори се прават во насока на сузбивање на сето тоа, со намера жените во општеството да имаат подобра улога, без предрасуди и стереотипи.

„Во македонското Собрание имавме јавна расправа со која директно за прв пат се приклучивме кон кампањата за одбележување на борба, заедничка борба против насилството врз жените и семејното насилство, ние 365 дена говориме за насилството и во Собрание и секаде“, рече Петкоска.

Таа исто така образложи зошто е од големо значење 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството кон жените, и посочи дека во комисијата во Собранието се одржуваат дебати на кои се разговара за овој општествен проблем, со цел да се подигне свеста кај граѓаните.

„Овие прашања се и на дневен ред ние и како жени, не само што сме политичарки во македонското Собрание туку и застапуваме политичка партија од којашто доаѓаме и сме во многу чести контакти и со граѓаните и со институциите. Она што жените се плашат да го пријават, или непријавувањето, малиот процент на пријавени случаи е пред сè резултат на недовербата во институциите, понатаму сложените судски постапки, двојната виктимизација со којашто се соочуваат жртвите и општествените стеги“, вели Петкоска.

Во однос на темата за насилството таа истакна дека и медиумите како фактор на социјализацијата имаат влијание врз сето тоа, па според неа треба да се внимава од страна на социјалните медиуми каква содржина се објавува затоа што сето тоа придонесува за несоодветно позиционирањтее на жената во општеството.

„За жал живееме во општество во коешто нашата околина многу повеќе, речиси секогаш врз основа на медиумските наративи, сензитивистичките наслови, во 99% од случаите бара вина зошто жртвата станала жртва наместо да ги најде причините. Треба да се внимава многу во медиумските содржини да се излегува со факти и со бројки наместо со настани кои ќе придонесат да има што повеќе кликови и што повеќе читање на веста“, изјави Петкоска.