13.09.2022

Перински: Арсовска ми порача да не одржувам прес конференција, но јас морав да ја кажам вистината

„Во саботата излегоа по некои портали шпекулации дека нешто нетранспарентно се одвива во процесот на еволуационите комисии во делот на избор на изведувач, но јас на некој начин сум опериран од такви шпекулативни мисли на некои бардови во „новинарското перо“. И поради тоа не ни реагирав затоа што знаев како се водеше целата постапка. И накај 8:30 часот кај мене влета во канцеларија новиот Генерален секретар со Решение за разрешување. И јас не спорам и не можам ниту да спорам, јас В.Д. одлуката е на градоначалник дали ќе продолжам да бидам В.Д. или не. И јас таа одлука без разлика на мојот став према работењето на Градот Скопје ќе ја почитувам каква и да е“, истакна Златко Перински во гостување во утринска емисија на Радио Лидер.

Перински додаде дека неговото Решение за разрешување беше со датум 09.09.2022 година. И тоа само по себе е небулоза. А, истото тоа Решение му било дадено вчера.

„Мојата замолница беше до Шефот на кабинет, е дека суштината на Решението не е добро и би требало да ја смени барем за еден ден плус бидејќи тој има потпишано акти во име на Водовод на 09.09.2022, и поради тоа не можат да го разрешат на тој датум. Што ќе се прави на актите? Шефот на кабинетот ми одговори дека не е тука да ја цени суштината туку е дојден за да се потпише Решението или Записник ќе прави. Јас му реков да прави Записник, бидејќи јас не потпишувам тоа што не треба да го потпишувам. Поминува пола час ми јавуваат дека доаѓа градоначалник, јас прво не знаев кој градоначалник доаѓа затоа што ние соработуваме со сите градоначалници, такво е претпријатието и природата на работењето. И ми кажуваат дека доаѓа Данела Арсовска. И таа се качува кај мене во канцеларија и ми вели дојдена сум да те разрешам и да направиме примопредавање“, појасни Перински.

Тој посочи дека Арсовска му порачала да не држи тој прес конференција која што ја имал најавено.

„Јас и реков градоначалник Вие ја кажавте Вашата невистина во јавноста, сега дозволете ми јас да ја кажам мојата вистина. И после 15-тина минути се симнувам доле и ја гледам градоначалничката дека ме чека. Излегов да ја поздравам уште еднаш, и ја поканив на прес конференцијата. Таа ми постави прашање во кое својство свикувам прес конференција, јас и одговорив во својство на поранешен директор на Водовод и канализација“, рече Перински.