Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на гостување на радио Лидер, кој деновиве беше избран за известител за Босна и Херцеговина објасни дека работата на телото за мониторинг е зад затворени врати, но тој откри еден детаљ.
„Предлогот за мене да бидам известувач за Босна и Херцеговина дојде од претседателот на Европската народна партија, Александар Појчек кој е сенатор од Полска. Ова се однесува на мене и можам да кажам. А детали од работата се тајни“, рече Николоски.
Николоски го објасни и изборот на комитетот за мониторинг.
„Во Парламентарното собрание има 315 пратеници, од нив со избор се бира само еден комитет и тоа е мониторинг комитетот. Јас сум прв потпретседател на Комитетот, а членовите на тајно гласање одлучуваат кој ќе биде известител и известителот добива неограничен мандат“, рече Николоски.
Инаку Николоски е прв Македонец кој ќе оценува состојба и развој на друга држава.
„За Босна и Херцеговина која е под мониторинг редовно се пишуваат извештаи за човековите права, за владеење на правото, демократијата, за борбата против корупцијата, изборни реформи и функционирање на државата. Ќе ги следам детално овие области“, рече Николоски кој додаде дека ќе биде во тесна комуникација и со високиот претставник на ОН во БиХ.