Колумна на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, за неделникот „Фокус“
Пред Македонија е најголемиот државен буџет во историја на државата. Владата на СДСМ и ДУИ планира во 2023 да потроши фантастични 5 милијарди и 281 милион евра! Добро читате 5 милијарди и 281 милион евра! При тоа планира буквално да ја цица пота и маката на народот, затоа што во услови на невидена светска криза во делот на енергенси и храна пред се, власта на СДСМ и ДУИ планира да собере од народот приходи поточно “арач” во висина од 4 милијарди и 585 милиони евра, а разликата до 5 милијарди и 281 милиони евра во висина од 696 милиони евра да ја обезбеди од кредити! Значи ем да го соголи наодот ем да направи огромен дефицит односно дупка која ќе ја плаќаат следните генерации. За да ги доближам сите овие големи би рекол несфатливи бројки за обичен граѓанин би кажал едноставно дека власта од секој еден од вас ќе собере и потроши ваши пари во висина од 2875 евра! Тоа значи дека власта на СДСМ и ДУИ на секое четиричлено семејство ќе му земе по 11 500 евра годишно! Никогаш буквално никогаш буџетот не бил толку голем и власта не била толку расипничка. Буквално што би рекол народот- турско било, ова не било. Масовна кражба на народни пари и расипничко трошење.
Кога сме кај трошењето- тука доаѓа и поголемиот проблем! А, тоа е дека овие големи средства нема да се потрошат за да се изгради конечно автопатот Охрид- Кичево, или да се изгради крак до Струга и граница со Албанија, уште помалку за да се изгради автопат Кичево- Гостивар, или овие пари нема да се потрошат за да се изгради нов клинички центар, или можеби нов енергетски објект, да не зборувам за брза пруга Скопје- Солун. Овие пари нема да се потрошат ни за нови патишта низ истокот на Македонија, или за автопат Прилеп- Битола и експресен пат Градско- Прилеп, да не зборуваме за реновирање на болницата во Битола или за доизградба на болницата во Штип! Парите нема да се потрошат ни за зголемени субвенции на земјоделците со цел Македонија да произведе повеќе храна, а маката на земјоделците повеќе да се цени. Парите нема да се потрошат ни за нови водоводни и канализациони системи или локални и регионални патишта. Да не зборувам за други поамбициозни проекти како базени, спортски сали, стадиони или гасификација. На ништо од тоа нема да се трошат овие рекордно високи средства.
Средствата ќе се трошат во нејасни и матни процедури, во тендери во 4 очи и спорни набавки за лица блиски на власта. Само како илустрација тн ставка “ други трансфери“ која секогаш е нај проблематична и остава најголем простор за трошења без контрола од страна на власта оваа година е фантастични 924 милиони евра! Историски највисока! За споредба во време на светската финансиска криза во 2008 била 317 милиони евра, а во време на европската должничка криза во 2011 била 374 милиони евра. Споредувам со овие две големи кризи зашто по силата тие две кризи беа на слично ниво со сегашната криза заради војната во Украина. Но тие две кризи македонските граѓани скоро и да не ги почувствуваа за разлика од оваа криза која удира по секого! И тука е главната грешка на алчната и криминална Влада! Криза не се решава со дополнително оптеретување на народот и фирмите со поголеми давачки како што прави оваа власт, туку напротив со помали давачки и даноци како повеќе пари би останале кај граѓаните и стопанството со цел да може да инвестираат и да ја пребродат кризата. Правилото е јасно- во криза власат го затега својот ремен и помалку троши, а не става нов јарем и арач на и онака истоштениот финансиски народ и стопанство. Оваа власт на СДСМ и ДУИ прави обратно и затоа народот не може да врзе први со први, зашто парите им ги зема власта!
Буџетот за 2023 е криминален и расипнички и е автопат кон банкрот на Македонија и македонските граѓани!