24.03.2023

Николоски: Ни милиметар нема да отстапиме од она што се наши ставови во врска со уставните измени

„Сега државата има проблем зошто неодговорна власт прифатила работа која што не може да ја испорача“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Аргумент плус“ на Телевизија 24.

Николоски додаде дека во Собрание од власта најавуваа зголемено парламентарно мнозинство  но се увиде дека бројките останаа исти, од 64 сега се само 65. Така да ништо од зголемено парламентарно мнозинство.

Во текот на своето гостување потенцираше дека има средби кои се непријатни но ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи ни милиметар од своите ставови во врска со уставни измени.

„Најчесто се работи за средби на кои што слушаат, на кои што добиваат информации, кажуваат кои се позициите на државата која што ја претставуваат и тоа е тоа. Секако дека има и понепријатни средби, има и средби на кои што има притисоци, но ние не сме спремни милиметар да отстапиме од ова што се наши ставови“, нагласи Николоски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема од отстапи од позициите кои ги има сега.

„Денес сме против промена на Уставот, затоа што сметаме дека тоа не е нешто што Македонија треба го направи особено што Бугарија со ништо не гарантира дека нема да продолжи да ја уценува Македонија“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Николоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ има начин, има концепт како Македонија да излезе од тој ќорсокак во кој што е влезена. Планот на ВМРО-ДПМНЕ се состои од три сегменти на кој што предуслов се предвремените парламентарни избори. Првиот сегмент е национален, или национално издигнување на македонскиот народ. Вториот концепт е политичка заштита на идентитетот на македонскиот народ и македонскиот јазик. А, третиот концепт е финансиски напредок и бенефит за граѓаните. Значи планот содржи национален дел, политички и економски.