04.12.2023

Николоски: Нема никогаш да прифатам дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, таквите позиции ги прифаќа криминализираната власт

Ние мора да го вратиме достоинството на македонскиот народ, да ја вратиме националната гордост затоа што извинете ама не можам да прифатам дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик и дека ние сме дрво без корен, односно сме вештачки создаден народ кој нема своја култура, традиција и историја, рече Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување во Тема на денот што се емитува во рамки на централниот Дневник на телевизија Сител.

И убеден сум, додаде Николоски, дека никој во Македонија не би го прифатил бугарскиот предлог ваков како што е под диктат на официјална Софија, освен една тесна клика која штитејќи го криминалот потпиша нешто што нормален човек не би го ни напишал.

Николоски посочи дека овој став, дека не може да се прифатат уставните измени под бугарски диктат, е автохтон на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние цело време велиме дека уставни измени под бугарски диктат не прифаќаме. Сме го зборувале тоа и тука и на сите други места и при секој настап и го одржавме зборот. Многумина мислеа дека нема да го одржиме“, посочи Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека позицијата на ВМРО-ДПМНЕ по изборите ќе биде таква да токму таа со Коалицијата ќе ги диктира условите за во иднина.

„Во однос на идна соработка мислам дека до толку ќе е поволна позицијата на ВМРО-ДПМНЕ што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги диктира условите“, рече Николоски одговарајќи на прашање за идна можна коалиција со Левица.