Во рамки на Советот на Европа има три групи на земја, едни кои се под мониторинг, други во пост мониторинг и третата група на земји е надвор од мониторинг, но и за нив повремено се пишуваат извештаи, објасни Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и од неодамна известувач за Босна и Херцеговина во Советот на Европа.
За Николоски да биде известувач гласаа и пратеници од големите сили како Велика Британија, Франција, Германија, кажа Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на Радио Лидер.
„За Босна и Херцеговина која е под мониторинг редовно се пишуваат извештаи за човековите права, за владеење на правото, демократијата, за борбата против корупцијата, изборни реформи и функционирање на државата. Ќе ги следам детално овие области“, рече Николоски кој е првиот Македонец кој ќе следи развој на друга држава и да го оценува истиот.
Тој додава дека е потешко кога на оваа позиција се стигнува кога во својата земја си во опозиција.
„Во Парламентарното собрание има 315 пратеници, од нив со избор се бира само еден комитет и тоа е мониторинг комитетот. Јас сум прв потпретседател на Комитетот, а членовите на тајно гласање одлучуваат кој ќе биде известител и известителот добива неограничен мандат“, рече Николоски.