07.09.2022

Николоски: Договорот со Бугарија е основата на сите проблеми, со референдумот бараме негово поништување затоа што мораме да го запреме понижувањето на македонскиот народ 

Уценувањето од страна на Бугарија траеше со години за да заврши во една капитулација прифатена од владата на СДСМ и ДУИ низ последниот предлог кој беше прифатен кој популарно беше наречен француски предлог, но во суштина ако го читате тој во суштина е бугарски предлог. Дава легитимитет на сите бугарски барања и тие ги става како услов за напредокот на Македонија во ЕУ, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.    

Николоски истакна дека клучниот проблем во прифаќањето на таков договор е што владата на СДСМ и ДУИ го прифати овој предлог врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија и затоа со референдумското прашање се бара понишување на овој договор односно на Законот за ратификација на догворот.    

– Овој договор во 2017 го потпишаа Зоран Заев и Бојко Борисов, и тој договор е основата на сите проблеми на Македонија. Затоа што е ратификуван во парламентите на двете држави како меѓународен, а Бугарија има право да ја менува суштината на постоењето на македонскиот народ и македонската држава, односно да удри во темелот на македонската држава. Ако Македонија не ги исполни условите за Цар Самоул, Свети Кирил и Методиј, кои се Свети Климент и Наум, кои сме и што сме ние Македонија нема да влезе во ЕУ и таков договор прифати владата на СДСМ и ДУИ, рече Николоски.    

Тој посочи дека Бугарија тврди дека само случајно на западна граница граничи со Македонија, а во суштина граничеле со самата себе затоа што на западната граница од другата страна според нив живеат одродени Бугари кои зборуваат дијалект на бугарскиот јазик и сметаат дека Бугарија треба да граничи со Бугарија.    

Николоски истакна дека според Бугарија ова е доброволно прифатен договор и го ставија во преговарачката рамка.    

– Затоа ние сега одиме на суштината а тоа е Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија. Затоа го напаѓаме договорот кој е извор на сите проблеми. Ова е причината, а се други се последиците.   Овој договор предвидува многу полоши работи од влегување на Бугарите во уставот, и затоа мора да го решиме почетокот на сите проблеми.   Затоа треба да се гласа за поништување на овој договор, потенцираше Николоски.    

Николоски нагласи дека прашањето е многу јасно и се однесува на Законот за ратификација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, ако тој закон престане да важи, ќе престане да важи и договорот.