27.01.2023

Николоски: Ги повикувам граѓаните да дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ од 61 пратеник за Македонија да не трпи уцени и притисоци од никого

Наша примарна цел е ВМРО-ДПМНЕ да освои сама парламентарно мнозинство и со оглед на она што се случува изминатите години, но и она што се случува во моментов е доволна порака за македонскиот народ и сите македонски граѓани да дадат недвосмислена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ за да освои 61 пратеник, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Ова го истакна во своето вечерашно интервју во емисијата „10 минути“ на телевизија Тв21, при што додаде дека и е неопходно на државата при евентуални преговори, кои би произлегле од предвремени парламентарни избори, за формирање владина коалиција при што Македонија не би била под уцени и притисоци од никого.

Само на тој начин, смета Николоски, Македонија би имала стабилна Влада која што ги реализира проектите и Македонија ќе ја води напред економски, но исто така и ќе се бори против организираниот криминал и корупција, нешто што е најважно а се останато е во втор план.

„Нашата примарна цел е да освоиме самите мнозинство во Собранието, односно ВМРО-ДПМНЕ да освои 61 пратеник, како не би била под уцени и притисоци од никого. И, мислам дека сето она што се случува изминативе години е доволна порака до македонскиот народ, до граѓаните на Македонија, до сите кои што живеат во Македонија да дадат една недвосмислена поддршка на ВМРО-ДПМНЕ како би можеле да имаме една комотна Влада која што ќе може да ги реализира проектите, да се бори со организираниот криминал и корупцијата и да економски ја носи државата напред. Доколку успееме ова да го постигнеме, сето друго е второстепено“, рече Николоски.

Николоски вели дека за формирање идна владина коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со партии од албанскиот политички блок, рече дека ВМРО-ДПМНЕ ги почитува политичките претставници на нашите сограѓани Албанци, но дека сакаат да соработуваат со партии кои се опозициони сили.

„Ние секако ги почитуваме претставниците на Албанците во Македонија и нивните политички партии, би сакале да соработуваме и наша желба е да соработуваме со опозиционите политички сили. Ќе видиме кои ќе бидат тогаш опозициони политички сили, но тие се тие со кои што би сакале да соработуваме“, вели Николоски.

Во однос на актуелното парламентарно мнозинство, Николоски истакна дека во моментов ниту парламентарно мнозинство има, ниту седници има, цел месец јануари помина, освен седница за пратенички прашања, друга седница во Собрание немало.