21.10.2022

Николоски: Власта е дволична за бугарските здруженија, очигледно имаат договор со Бугарија и затоа сакаат да го одложат законот и да не важи за веќе отворените

Дволична власта е во целата работа со бугарските здруженија. Во најава на седницата која почна во понеделникот кажав дека власта не е искрена во односот, затоа што законот за здруженија и фондации не ја стави како прва точка  на дневен ред, туку како 20 точка. На таа седница досега затворена е само една точка и има уште 19 додека стигне, изјави Александар Николоски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ за „Што не е јасно“ на Алфа потенцирајќи дека власта ја одолговлекува целата работа затоа што очигледно е договорена со Бугарија.

– Така да возможно е овој закон да дојде и следна година на дневен ред, што мислам дека е и целта за во меѓувреме да се формира здружението „Цар Фердинанд“ кое треба да се формира. Очигледно  е дека има политички договор помеѓу власта на СДСМ и ДУИ и Бугарија за оваа работа, рече Николоски.

Тој посочи дека главниот финансиер на овие здруженија кој нити Агенцијата за национална безбедност, нити Агенцијата за разузнавање, нити финансиско разузнавање се занимава, јавно кажа дека имал средби и со Зоран Заев и со Стево Пендаровски на кои се договориле за здруженијата да се отворат.

– Што значи иницијатори на ваквите здруженија се бугарските служби или оние кои сакаат да направат раздор во Македонија, а поддржувачи на отворање на овие здруженија се Зоран Заев и Стево Пендаровски. Пендаровски е сеуште актуелен претседател и не излегува со никаков став за оваа работа затоа што претходно ја одобрил оваа постапка.  Власта нема чесна намера во носењето на овој закон, истакна Николоски.

Николоски појасни дека втора причина зошто нема чесна намера е затоа што три месеци го најавуваа дека ќе се донесе закон за здруженија и граѓани со кој ќе се спречи имиња на вакви ликови да бидат имиња на здруженија, но три месеци не го ни предложија затоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе ваков закон.

– Тие немаат сега избор и затоа одат на карта на одлагање и Тупанчевски јавно си кажа која им е целта  кога рече дека законот не можел ретроактивно и дека министерството за правда ќе поднесе нов закон со кој ќе се поништи законот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека договорот кој го направиле да се формираат најмалце 3 здруженија, ќе се реализира, изјави Николоски.