18.07.2023

Николоски: Владата на СДС и ДУИ овозможи сомнителниот капитал на Дестани да ја добие концесијата за Иловица со кој ќе се уништи Струмичката котлина, нема да почитува никакви еколошки стандарди

Отсекогаш сум против отворање на рудници во струмичко и тоа ми е конзистентен став. Суштината на проблемот не е само во доделување на концесијата туку поголем проблем е кому е доделена, затоа што кога ќе видите на кого е доделена по дефиниција знаете дека нема да почитува еколошки стандарди, дека нема да работи како што напишал на хартија и дека таму ќе биде катастрофа, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостувањето поткаст на „Радио Лидер“

Николоски појасни дека кога Заев формираше влада прва работа што направи беше договор со Бојко Борисов за добрососедство и пријателство кој не чини заглавување во европските процеси и шокови на општеството, но не беше само тоа договор, туку имаа уште 5 работи.

– Требаше да купат Бугарите тука голема банка, да купат телевизија, да добијат оптички кабел со кој ќе може да работат, да купат болница и рудник, а тоа беше Иловица. Заев за рудникот им испорача. Претходните сопственици на концесијата беа ставени во ќош, им се одзеде концесијата и им беше кажано дека единствен начин да се поврати целата работа е да ја продадат на бугарскиот олигарх кој се занимава со метали и рударство, Цоло Вутов. Тој преку свои оф шор компании на Кајмански острови регистрирана во куќа во која и Обама има зборувано дека е со најмногу фирми во светот, влезе во Иловица. Јас прв го изнесов во јавност, а потоа имав бројни закани кои ги издржав како и се друго, не паѓам на тие работи, истакна Николоски.

Николоски посочи дека првиот проблем е што таму влегува сомнителен капитал преку оваа бугарска врска, а за да биде работата дополнително замрсена во струмички ресторан кој се вика Концепт се случува средба на која оди цело семејство Дестани и потоа да влезат со малцински удел во фирмата и концесијата, а судот почнува магично да ги менува одлуките.

– Проблемот не е дали Македонија сака да развива рударство, туку дали ќе се уништи со тоа цела Струмичка котлина, а овде е многу извесно дека ќе уништи, најмногу заради природата на капиталот кој е сомнителен. Затоа целиот грев е на оваа влада на СДС и ДУИ која овозможува таков сомнителен капитал да влегува во Македонија, потенцираше Николоски.