06.05.2024

Николоски: Ветувавме дека нема да има уставни измени под бугарски диктат и немаше, сега ќе нема влада со ДУИ

„Изборот никогаш не бил полесен. Изборот е дали Македонија ќе ја градиме како што ја сонуваа нашите предци или Македонија ќе ја уништуваат СДСМ и ДУИ. Изборот е дали ќе имаме нормална држава или држава која тоне во криминал и корупција. Овие шест и пол години како раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводени од претседателот Христијан Мицкоски секојдневно се боревме со криминалната власт, не имаше секогаш кога е потребно на македонските улици, плоштади да се спротивставиме на предавствата, криминалот и корупцијата и 8 мај е денот кој го чекавме со години. Затоа 8 мај е круна на нашата борба, 8 мај е денот на победата, денот на кој нашата генерација добива шанса Македонија да ја направи пристојно место за живеење“, истакна носителот на Изборна единица 4 од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на завршниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.

Тој продолжи и додаде:

„На 8 мај одлучуваме дали во паника, Али Ахмети, Талат Џафери, Артан Груби и Бујар Османи ќе ги враќаат духовите од минатото и ќе ги бакнуваат знамињата на УЧК или ние гордо ќе ги вееме нашите македонски знамиња. На 8 мај одлучуваме дали Македонија ќе се доиспразни или ќе има одговорност за криминалците. На 8 мај одлучуваме  дали во Македонија ќе се градат патишта или Венко Филипче и Благој Бочварски ќе монтираат неизградени патишта на компјутер како луѓето да не гледаат што се случува“, вели Николоски.

Тој истакна дека потребна е масовна референдумска излезност.

„На 8 мај одлучуваме каде оди Македонија и затоа ни е потребна масовна референдумска излезност, а после тоа она што го ветуваме ќе го оствариме затоа што ние сме многу сериозни во нашите ветувања. Кога рековме не за промена на Уставот под бугарски диктат ние бевме сериозни во тоа и го направивме тоа, кога рековме битка со организираниот криминал и корупција ние бевме сериозни и не потклекнавме под ниедна уцена и закана, кога рековме ќе ја чуваме македонската национална гордост ние го направивме тоа, кога рековме градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе работат без скандали го рековме и го направивме тоа и затоа кога велиме влада без ДУИ ние го мислиме тоа и ќе го направиме тоа, ќе одат во опозиција и ќе одговараат“, посочи Николоски.

Тој кажа дека овие избори се и за слобода на уставобранителите и правда за онеправдените.

„Овие избори се и за слобода на уставобранителите и за правда на онеправданите. Овие избори се за над 3,000 семејства пред се членови на ВМРО-ДПМНЕ кои беа жртва на политички прогон во изминативе шест и пол години. Овие избори се за правда, економски напредок за едно ново утре за сите вас, за сите нас“, дециден е Николоски.