27.11.2022

Николоски: Вакво епско бегање од избори на актуелната Влада немало до сега, знаат дека ќе изгубат

Проблемот со власта во Македонија е што знаат дека ова им е последно и се држат за столицата и бегаат од избори. Вакво епско, велам епско, затоа што ова е за епови, за приказни, бегање од избори, македонската демократија, ако сакате и регионалната балканска демократија ниту видела, ниту ќе види. Јас не гледам што има толку лошо, за било која политичка партија, да се измери на избори како стои, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој во своето вечерашно гостување во „Тема на денот“ во централниот Дневник на Сител истакна дека ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција прави тоа што секоја опозициска партија го прави, да алармира и јавно да го изнесува тоа што го прави власта, да нуди решенија како што беше примерот са пакетот мерки кој парламентарното мнозинство го одби и да бара предвремени избори, кои во Македонија и те како се неопходни.

Многу реално барањето предвремени избори од неколку причини, вели Николоски додавајќи дека, првата причина е економската ситуација во која што Македонија се наоѓа, ова е за жал изгубена зима за македонските граѓани, за македонското стопанство, зима во која што цените на електричната енергија ќе рушат рекорди, ќе има се помалку парно греење, а надвор од Скопје граѓаните ќе се снаоѓаат како можат да се згреат, дали е тоа на дрва, дали е тоа на некој друг начин, ќе им доаѓаат дома високи сметки за електрична енергија, а фирмите ќе мора да затвараат, затоа што плаќаат екстремно високи цени за електрична енергија.

Николоски истакна дека на Македонија и треба нова Влада која ќе се подготви на наредната зима која ќе е потешка од сегашната, затоа што, за жал, војната во Украина ќе потрае и се потешко ќе биде снабдувањето со природен гас, како за земјите од Европа, така и за Македонија.

„Но, она што е пострашно е зимата 2023-та, затоа што војната во Украина, за жал, ќе трае подолго, тоа му е јасно на сите кои што ја следат работата. И ако оваа година, веќе беа полни резервите со гас во многу европски држави или во меѓу време се наполнија и колку толку имаа некое стабилно производство на електрична енергија, а до скоро и Украина придонесуваше. Сега со уништена инфраструктура во Украина и со многу неизвесност за 2023, пред се во делот на снабдувањето со гас и производството на електрична енергија, последно што треба да остане е ваква неспособна Влада, затоа што, мора да се случи промена и таа да биде најдоцна пролетта 2023 а да има доволно време една компетентна влада, составена од стручни лица да ја подготви Македонија за зимата 2023-та. Тоа е првата причина“, образложи Николоски

Втората причина за која ВМРО-ДПМНЕ бара избори е националното понижување кое што се случува секој ден, вели Николоски, осврнувајќи на последниот случај од пред неколку дена на мешовитата Комисија во однос на Македонската православна црква, сега  веќе доби Автокефален статус, односно тоа што е постигнато во црковната борба политичарите на СДСМ и ДУИ сакаат да го избришат

„Нема ден да нема национално понижување. Имавте за Македонската православна црква. Значи видете во каков парадокс е сега Македонија, конечно Македонската Православна Црква успеа да добие признание или Автокефалност од најбитните цркви во православието. И од Вселенската патријаршија и од неколку помесни цркви, приклучувајќи ја и руската, и српската кои што долги години, особено српската правеше проблеми. Во такви услови кога православниот свет почнува да ја признава МПЦ како автокефална црква, историчари седнуваат на маса и велат, а не Охридската Архиепископија не е македонска Архиепископија. Имајќи предвид дека Охридската Архиепископија е дел од името на МПЦ, има јасен континуитет. Ако нешто има добра документација, тоа се средновековните цркви, затоа што тоа биле главни институции во средниот век и многу јасно се знае движењето на Охридската Архиепископија, која што е засебна црква и ако сакате од неа, на еден неканонски начин се одделува Трновската Патријаршија од која што веќе потоа се раѓа и Бугарската Православна Црква. Така што, она што го доби црквата во црковна битка, сега политичарите, пред се тука мислам на СДСМ и ДУИ, сакаат да го избришат“, истакна Николоски.

И третата причина, зошто треба да има предвремени парламентарни избори е понижувањето од типот на ова со државјанството на Онишченко, кое што секој ден се случуваат, додека во однос на напуштање на Собранието, Николоски додава дека тоа е веројатно најголемата желба на власта на СДСМ и на ДУИ, затоа што ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група во моментов се браник кој што спречува, да бројни законски решенија кои што се штетни и по граѓаните и по Македонија бидат изгласани. Така што, останувањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието е најдобриот браник против штетните политики на власта, заклучи потпретседателот ва ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.