Мнозинството не е стабилизирано, не е зголемено, познавајќи го начинот на кој функционира оваа влада постојано ќе бидат предмет на уцени. Тие не функционираат врз основа на план и програма, да функционира така за овие дополнителни 3 милијарди евра задолжување што се случија ќе имаше крупна капитална инвестиција, а не најголемата пофалба да им биде незавршени два километри автопат кон Косово, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски за „Само интервју“ на Канал 5.
Муцунски истакна дека со оваа влада ќе гледаме индиции за криминал и корупција како што гледаме со договорот поврзан со Бехтел и Енка односно избор на компанија за надзор за коридорот 8 за која и самата влада им укажала на институциите да не соработуваат со неа и излегуваат сега информации дека длабоко поврзана со сомнителен кинески капитал.
„Спорното е самата промена на спецификацијата во сред постапка и спорното за кое индиции е дека една од компаниите кои се дел од конзорциумот е компанија за која оваа иста влада, пред 2 години на сите институции им кажале дека заради незаконски и нерегуларно постапување не треба со оваа компанија да се соработува. Индициите треба да се истражат. Треба да имаме почитување на законите и транспарентност. Сомнежите кои се јавуваат за лица кои имаат корупција и криминал ја загрижуваат јавноста“, рече Муцунски.
Муцунски посочи дека оваа влада го презема автопатот Кичево – Охрид и не може да го реализира.
„Доколку оваа влада со секој месец нејзина работа ќе имаме нереализирани проекти. Зошто овие 6 години не ги решија предизвиците, немаат капацитет немаат волја. Земаат дополнителни пари и не го решија проблемот“, рече Муцунски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски потенцираше дека на следните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Тој дури додаде дека ВМРО-ДПМНЕ исто така не се откажува и од предвремени парламентарни избори.
„Не се откажавме од тоа, тоа прашање не можеме да го исклучиме. Работа на опозиција е да бара постојано избори како ние што го правиме тоа, да се преземат мерки за да се случат предвремени парламентарни избори. Ние сме подготвени и утре да има парламентарни избори. Ние веќе имаме концепт за нашата програма во делот на даночната политика, во делот на политиката на привлекување на странски инвестиции, образование, здравство. Ние веќе размислуваме на овие теми“, заклучи Муцунски.
Тој дури и посочи дека денес генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ најави и дополнителна теренска акција. Што значи се продолжува континуитетот на директна комуникација со граѓаните на терен ширум Македонија.