Политичката партија ДУИ, и министрите кои се дел од власта го кочат процесот на разгледување и одобрување на „Зелената обврзница“ која Општина Аеродром треба да ја издаде за да може да финансираат капитални проекти како што се новите детски градинки, новите училишта и реконструкцијата на плоштадот во Аеродром.Ова во утринското гостување на Сител ТВ го истакна градоначалникот Муцунски кој истакна дека, Општина Аеродром потрошила скоро една година за изработка на проекти за новите училишта и детски градинки и за подготовка на документацијата на „Зелената обврзница“ која повеќе од четири месеци од политички причини, чека да дојде на ред за да биде разгледана и одобрена на седница на владата.
– Проектите се изработени и детските градинки и училишта може уште утре да почнат да се градат и тоа го направивме со сопствени средства, исто како што враќањето на средствата за зелената обврзница, инструмент што се користи насекаде низ светот ќе биде направено со средства на Општина Аеродром, информираше Муцунски и додаде дека според информациите со кои тој располага дека поради притисок од министрите на ДУИ, премиерот Ковачевски добил насока да се блокираат сите проекти во Општина Аеродром.
Дополнително Муцунски потенцираше дека овие проекти со сигурност ќе бидат започнати и завршени по доаѓањето на ВМРО ДПМНЕ на власт, но тоа ќе биде со една година задоцнување и истакна дека во меѓувреме вината за недостатокот на места во детските градинки треба да се бараат во владата и политичките партии кои се дел од истата.