Ние не бараме гаранции од европските институции за да ни го потврдат тоа што веќе го знаеме, ние ја знаеме историската вистина за Македонија, како се создала македонската држава, како се создал македонскиот идентитет, како се создавал македонскиот јазик, но на нас ни треба гаранција дека сите тие работи кои ние ги знаме, веруваме и во иднина ќе веруваме, дека истите тие ќе бидат заштитени низ призма на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во „Вин вин“ на Телма Телевизија.
Муцунски посочи дека во ЕУ, Бугарија како земја членка во моментов врши апсолутна негација на македонскиот идентитет, јазик, историја, како и на нашето право на самостојно и слободно да ги толкуваме сите тие атрибути кои се значајни за создавање на современа државна нација во 21 век, и затоа ВМРО-ДПМНЕ ги бара гаранциите од европските институции.
– Таа потврда која ние ја бараме, ја бараме за да веруваме во кредибилноста на европскиот пат и да можеме да бидеме убедени дека ние целиме да станеме членка на ЕУ која ќе обединува различности, а не да врши терор и напад врз основните обележја на еден народ. Наша обврска кога имаме своја држава, нешто во кое веруваме, кога сме изградиле на здрави нозе од точка на нашето толкување на нашата историја, идентитетски обележја е да го заштитиме тоа што го имаме, рече Муцунски.
Муцунски посочи дека СДС покрај тоа што последниве години прави систематски конкретни чекори и преку образование и култура и низа мерки за да се намали влијанието и почитта кон нашето минато, туку и во решавање на спорот со Бугарија заради попусливост и немање стратешки пристап создаде нов проблем.
– Тој предизвик СДС по природа на нештата заради попусливост и немање на стратешки пристап го претвори во проблем. ВМРО-ДПМНЕ кога имаше информации дека преговараат, нудеше своја експертска помош заедно да најдеме решение, но СДС со ДУИ даде ветувања дека ќе стори нешто за кое нема моќ да го оствари, односно вети уставни измени иако нема двотретинско мнозинство, истакна Муцунски.
Додаде дека СДС е заглавена во политичка демагогија, а не гледа да се најде решение на овој проблем кој го создадоа и затоа не гледаат дека се потребни гаранциите.
– Ние подолг период зборуваме. Не сме убедени дека прашањето за уставни измени е суштинското барање на Бугарија, гледаме каква политика води кон Македонија и македонските интеграции. СДС и ДУИ не размислуваат што значат отстапките и како ќе се рефлектираат во иднина. Затоа наша обврска е да воспоставиме некоја брана, механизми со кои ќе се заштитиме од дополнителни уцени, изјави Муцунски.