27.04.2023

Муцунски: Владата како со прифаќањето на францускиот предлог така и со договорот со Бехтел и Енка презема обврски кои не зависат од нејзе

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во гостување во емисијата „Интервју во Шења“ на ТВ Шења зборувајќи за уставните измени, истакна дека Владата и овој процес со прифаќањето на францускиот предлог постапила слично како со договорот со Бехтел и Енка, бидејќи презема обврски на штета на државата без да консултира никого.

„Не е различна и оваа ситуација од ситуацијата со договорот со Бехтел и Енка, затоа што и во овој случај Владата има преземено обврски кои што не зависат од нејзе. Владата има преземено обврска за уставна промена“ ,истакна Муцунски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како политички субјект кога доби одредени информации дека има активен процес на преговори со тогашното претседателство на ЕУ со Македонија и Бугарија се понуди да биде дел од овој процес за да се изнајде прифатливо решение за сите политички партии, но Владата немаше слух за такво нешто и постигна компромис кој отвора дополнителни проблеми.

„Ние како политички субјект кога имавме одредени информации преку наши контакти и канали со главните градови на Европската унија дека има активен процес на преговори со тогашното претседателство на ЕУ и Македонија и Бугарија, се понудивме и рековме дајте сите заеднички да бидеме дел од овој процес и да најдеме решение кое што ќе биде заеднички прифатливо за парламентарните партии. Сепак ВМРО-ДПМНЕ е политичката партија која во ова Собрание ја има најголемата пратеничка група и се понудивме, сакавме да бидеме дел од решението, но бевме тотално игнорирани и тргнати на страна. Се постигна компромис кој што за нас е неприфатлив, не е рационален и отвора дополнителни проблеми и потоа се очекува дека ние ќе дадеме бланко поддршка“, потенцираше Муцунски и додаде:

„Се навраќаме за Бехтел и Енка. Владата презема обврски коишто не може да ги реализира и потоа кога преземаат обврски што не можат да ги реализираат тие создаваат во случајот на Бехтел и Енка финансиска штета, а во случајот на овој таканаречен предлог кој што произлезе од француското претседателство во моментов создава политичка штета“.